Словенечките граници од денеска ќе ги чува и армијата

Припадници на словенечката војска од денеска заедно со полицијата ќе учествуваат во обезбедувањето на државната граница, откако владата вчера го активираше членот 37 од Законот за одбрана, кој тоа го овозможува, јави словенечката агенција СТА.

Со оваа мерка ќе се растерети полицијата, за да може подобро да се справува со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.

Членот 37 од Законот за одбрана пропишува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во поширокото обезбедување на државната граница во рамки на државната територија, според претходна одлука на владата и усогласени планови.

Припадниците на војската немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.

Владата на вчерашната седница ја донела одлуката за активирање на членот, поради безбедносната состојба во југоисточна Словенија, пренесува СТА.

Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да повика припадници на војската да помогнат во многу ограничен обем на задачи на границата.

На тој начин, војската ќе ја растерети полицијата во тој дел на земјата.

Според податоците на Главната управа на полицијата, во обезбедувањето на државната граница ќе учествуваат до 40 припадници на словенечката војска.

Соработката засега е планирана за граничниот појас во надлежност на Полициската управа Ново Место, но по потреба може да се прошири и на други полициски управи најоптоварени со проблемот на нелегални миграции, објаснија властите.

Голоб додаде дека во моментов околу 40 полицајци од други делови на земјата се испратени во помош на Полициската управа Ново Место, но тие наскоро ќе се вратат во своите единици, а на нивно место ќе бидат распоредени 40 припадници на војската.

– Кога овие 40 полицајци ќе бидат преместени назад во Полициската управа Ново Место, на границата ќе настане кадровски недостиг, кој ќе го пополни војската со свои 40 припадници, објасни Голоб.

Полицијата ќе поднесува месечни извештаи за потребата од продолжување на активирањето на членот 37, а владината одлука останува во сила до нејзино укинување.

Градот Ново Место неодамна го потресе убиството на 48-годишен маж пред локален ноќен клуб. Убиениот Алеш Шутар бил претепан од група Роми во ноќта меѓу 24 и 25 октомври, околу 2:30 часот по полноќ, откако пристигнал да го земе својот син, кому претходно му биле упатени закани, потсетуваат хрватските медиуми.

Back to top button
Close