Словенечко обвинителство поднесе барање за судска истрага против премиерот Голоб за наводна интервенција во работата на полицијата

Специјалното обвинителство на Словенија поднесе барање за судска истрага против премиерот Роберт Голоб до Окружниот суд во Љубљана, јави словенечката редакција на телевизијата Н1.

Истрагата била побарана вчера по предметот „Бобнар“, поврзан со тврдења за наводна интервенција во работата на полицијата, кои против премиерот ги изнесе поранешната министерка за внатрешни работи Татјана Бобнар.

Полицијата поднесе кривична пријава против премиерот Голоб до специјалното обвинителство минатиот октомври, потсетува Н1. Како што објасни полицијата тогаш, премиерот е обвинет за „давање подароци за незаконско посредување“.

Ако судот одлучи да се произнесе по барањето на специјалното обвинителство за судска истрага, против Голоб ќе се отвори кривична постапка, со што тој ќе добие статус на обвинет.

Адвокатот на премиерот, Стојан Здолшек, изјави за Н1 дека не бил информиран за поднесувањето на барањето за судска истрага, бидејќи обвинителството не го известило за тоа. Сепак, тој истакна дека е длабоко убеден дека нема основано сомневање поради кое судот би отворал судска истрага против премиерот.

Поранешната министерка Татјана Бобнар не сакала да даде коментар и ги упати новинарите на Н1 кон својот адвокат Лука Шваб, соопшти телевизијата. Тој само изјавил дека биле информирани за одлуката на обвинителот од претставници на медиумите и дека сè останато е прашање на проценка и истрага од страна на властите и судот.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close