Словенија со рекорден број заразени, Владата заседава утре за нови мерки

Словенечката национална телевизија наведува дека наместо десетдневно затворање, како што предлагаат експертите, ќе се одлучи за построга контрола на ковид-пропусниците, скратување на работата на угостителските објекти, одлука за работа од дома за вработените во јавниот сектор, а можни се ограничувања на бројот на луѓе на собири

Во Словенија се потврдени 3 456 инфекции со коронавирус, што е рекорден број на нови заразени од прогласувањето на пандемијата, објавија љубљанските медиуми, наведувајќи дека од 7 722 тестови, 44,8 отсто од примероците биле позитивни.

Според досегашните статистики, претходниот рекорден број на заразени регистрирани на дневна основа е на 5 јануари годинава, кога се потврдени 3 428 нови случаи на ковид – 19.

Владата во Љубљана и покрај големиот број заразени и хоспитализирани, се уште не се одлучила за целосно затворање од 10 дена, што е едно од решенијата за сузбивање на епидемијата што го предлагаат експертите.

Утре се очекува седницата на Владата, а словенечката национална телевизија наведува дека наместо десетдневно затворање, ќе се предложи построга контрола на ковид-пропусниците, скратување на работата на угостителските објекти, одлука за работа од дома за вработените во јавниот сектор, а можни се ограничувања на бројот на луѓе на собири.

Во болниците моментално има 670 пациенти со ковид, а на респиратори се 159 лица.

Back to top button
Close