Слово до Jотова и Петков: Резилот ви го приредија Удбаши и титови воени кадети

 

Граѓаните од Македонија, а и добар дел од Бугарија, старата 2021 ја испратија и во новата 2022 година влегоа со многу надежи дека на Балканите, конечно, доагаат посветли денови, заедно со новите млади кадри, нели – прозападно ориентирани, таму образовани, ослободени од историските комплекси и предрасуди.

Очите и ушите на Македонците беа свртени кон новиот бугарски премиер Кирил Петков, млад човек со високо образование и титули по светските универзитети (студии и магистратура по бизнис-администрација на Харвард, рангиран мегу првата десеторка од својата група), истовремено со работно и животно искуство во Канада (Ванкувер), дипломец по финансии на Универзитетот на Британска Колумбија.

Дипломецот на  Мајкл Портер, специјализантот за развој на кластер-стратегии, менаџерот за корпоративен развој во канадскиот гигант за храна Мекејн фудс, сопственикот на компанијата Провиотик, со американски патенти во областа на биотехнологијата, даваше изјави,” угодни” за македонските очи и уши.

Особено, откако дојде до смена во владиниот кабинет и кај нас, и, кога беше промовирана новата политика на напуштање на старото неугодно наследство во прилог на иднината, кога историјата требаше да се замени со конкретни работни групи, кои ќе работаат на конкретни проекти за  иднината.

Во тој полет и занес, во таа толку неочекувана брзина, полета и првиот “самолет” од Софија кон Скопје, а нашата егзалтираност од промените стигна до точката, од каде, и  шефот на македонската држава  го нарече Петков, “балкански Мандела!”. Да бидеме коректни: “во однос на дотогашните”, демек!

Лесно ветената брзина, топлите ветришта изчезнаа како со нож пресечени, а многумина се најдовме затечени, се до претседателот Пендаровски, кој, за да го испере срамот и  понижувањето, прв реагираше по “дестантот” (така го нарекоа бугарските медиуми) на Петков и Јотова, во Кравари, кај Битола.

Од тука натаму знаете се.

Благонадежниот Петков долета на крилјата на надежите и промените, заедно со тврдата ни наша некогашна колешка од БНТ Јотова, која, од поодамна,  ја прескокнува веќе “освоената” Македонија за да стигне до некоја напатена бугарска душа на Голо Брдо и Пустец во Албанија. Долета заедно со балканскиот националистичкиот рептил, Каракачанов и “красивицата” од Пазарџик, Захариева, на која, во Битола, и “пришле десетици Бугари за да и се пожалат на лошиот третман”: “репресираниот”, поранешeн шеф на битолската полиција, Црномаров, неговиот син, како и ониој несреќник од човек, кој вели дека “не е лесно овде да се биде Бугарин”, а е “многу лесно да се постане Бугарин-малку читање и повеќе спиење!”.

Ете, заспивaш како Македонец, а се разбудуваш като Б,лгарин!

Јотова дојде и во мојот Охрид, да ги заштити “обесправените” Бугари, репресираните од УДБА и Тито. “Сашти като исти “ на битолските.

Овде, домаќин и беше некогашниот воен питомец-авијатичар на титовата ЈНА!

Треба ли повеќе резил пред Европа и светот? Базди десантот од лепешките и наци-фашистичките испрдоци во Кравари, кај Битола.

Базди, од овде  до Брисел и Вашингтон. Поголема услуга не можеа да  ни направат. Сега светот ќе види со кого си има работа, кои “европејци”, нас не сакаат да не примаат во Европа, кој е жртва, а кој џелат!Кој е јагнето, а кој волкот!Кои волци се преоблечени во јагнешки кожи!

 

“ЗЛОСТОРНИКОТ СЕКОГАШ СЕ ВРАЌА НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРОТ” (позајмен наслов)

Мегу другите, на бугарскитер државни глави, заслепени од ветувањата и лагите на некогашните војводи на Љубчо Георгиески и ВМРО ДПМНЕ, вистината в очи им ја плесна еден угледен ВМРО-ец, поранешен советник во општина Битола, Иванчо Тошевски:

(цитирано до самиот крај)“Местото на денешната посета на бугарскиот државен врв во Битола, предводен од премиерот на Бугарија, Кирил Петков, пишува Тошевски, е во истата улица “Рузвелтова”, во која, за време на Втората светска војна била сместена бугарската управа, во објект, кој, до пред окупацијата, и припаѓал на еврејската заедница во Битола, или, објект попознат меѓу битолчани како Пионерски центар.

Токму од оваа иста улица, каде, денес, е отворен Културниот центар “Ванчо Михајлов”, за време на Втората светска војна, започнува подготовката за депортација на битолските Евреи од страна на тогашниот фашистички окупатор.

Имено, на битолските Евреи, во периодот помеѓу 31-ви јануари и 2-ри февруари 1942 година, согласно тогашниот Закон за заштита на нацијата, и, согласно договорот помеѓу германските и бугарските фашисти, на секој Евреин во Битола, кој бил глава на семејството,  му било побарано да донесе фотографии од него и од членовите на неговото потесно семејство.

Врз основа на доставените фотографии, тогашната фашистичка бугарска управа во Битола, во судниот час за Евреите, ја врши потребната идентификација и истите ги спроведува до железничката станица во Битола од каде подоцна се депортирани за концентрационит логор во Треблинка.

Овој УНИКАТЕН ИСТОРИСКИ ДОКУМЕНТ на околу 800 страници кој е единствен документ со фотографии од депортираните Евреи, денес се наоѓа во Музејот на Холокаустот Yad Vashem во Израел.

(https://www.yadvashem.org/yv/en/exhibitions/communities/monastir/names.asp?fbclid=IwAR2qMWjxCVg4vKTkMIsoiUOWUxu8OG-5Xv808QzN4XdE9pprJCoRltJe6Xs)

Затоа, денес, се чудам и прашувам: дали сите вие кои озарени и насмеани го дочекавте бугарскиот државен врв во Битола, претставувајќи се себеси како етнички Бугари, сте докрај свесни за вашата денешна поддршка на неслучајната симболика и пропагнда за која најодговорно тврдам дека е на директна штета на македонско-бугарските односи, како и на севкупното интегрирање на регионот во Европската Унија, пишува Тошевски и прашува:

Или, пак, можеби, и тогаш вашите семејства беа дел од соработниците на фашистичкиот окупатор?

АХ, БЕ, ДРУГАРИ, ОД КАДЕ И ОД КОГА ВИЕ БУГАРИ”? (Крај)

Веле Митаноски

 

Back to top button
Close