Слово за академик Иван Доровски од МСМЈЛК при УКИМ

 

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) испраќа слово за академик Иван Доровски, по неговото физичко заминување.

Го испраќаме до вас со надеж дека интегрално или дел од него ќе објавите и споделите со јавноста. Однапред ви благодариме.

Слово на МСМЈЛК при УКИМ за академик Иван Доровски

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), со големо жалење и неверување ја прими веста за физичкото заминување на истакнатиот книжевен историчар, македонски и чешки славист, балканист и македонист, академик Иван Доровски. МСМЈЛК при УКИМ и сите лектори и семинаристи, вклучително и сите коишто учествуваат на 54. Летна школа на Семинарот којашто во моментов е во тек, упатуваат длабоко сочувство до семејството на академик Доровски. Неговото заминување е голема загуба за македонистиката и славистиката – изгубивме голем славист, балканист и македонист, којшто повеќе децении наназад, во европски рамки беше еден од најголемите афирматори и проучувачи на македонската книжевност и култура, вклучително и како еден од долгогодишните учесници и двигатели на летната школа на МСМЈЛК при УКИМ, започнувајќи од првата школа одржана во 1967 година.

Името на академик Доровски е и секогаш ќе биде нераскинливо поврзано со МСМЈЛК, зашто тој не е само свидетел, туку е и еден од создавачите на историјата на МСМЈЛК. Со учеството на првата летна школа пред 54 години, тој беше еден и од втемечувачите на Семинарот, а со својата дејност надвор од македонските граници, уште тогаш, пред сѐ во тогашна Чехословачка, беше еден од најистакнатите и најтемелити посветеници на остварувањето на неговата мисија – македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат на реномираните странски универзитети. Со постигнатите заложби за изучување на македонскиот јазик, литература и култура во тогашна Чехословачка, а потоа и во Чешка и Словачка, академик Доровски секогаш ќе биде еден од најсветлите примери и за ндните генерации посветеници – лектори, предавачи и професори по македонистика надвор од македонските граници.

Но, мора да се нагласи дека влогот на Доровски е и многу поголем од она што е остварено од него во првите години од формирањето на МСМЈЛК, затоа што тој, особено како страстен истражувач на македонската книжевност, во сите децении наназад, не само што беше редовен учесник на летните школи и на научната конференција организирана од МСМЈЛК, туку како резултат на своите учества подготви и објави и едни од најзначајните преводи на современата македонска книжевност и научни трудови коишто се исклучително важни за македонската книжевна наука. И не само тоа – со своите идеи и проекти, значајно придонесе и за развојот на МСМЈЛК. Дури и во времето на дигитализацијата, кога веќе беше во осмата и деветтата деценија од животот, со целосно себевложување ги изнаоѓаше сите соодветни форми за да ја афирмира македонската книжевност во Чешка и да придонесе за остварувањето на мисијата на МСМЈЛК.

Физичкото заминување на академик Доровски е голема загуба не само за македонската книжевна наука и за МСМЈЛК при УКИМ, туку и за нашата држава. Ретки се посветениците и истражувачите на македонската книжевност од таков формат, со толкава посветеност и таков истражувачки влог и љубов кон македонската култура.

Чест ни е што академик Доровски е име коешто со златни букви е запишано во историјатот на МСМЈЛК и што во сите повеќе од пет децении наназад беше дел од речиси секое важно случување за македонистиката, организирано од Семинарот. Чест ни е што заедно со него остваривме безброј проекти – истражувачки, преведувачки и промотивни, а во исто време и жалиме за планираните, а неостварени проекти коишто тој сакаше да ги оствари во времето што е пред нас.

По осамостојувањето на земјата, МСМЈЛК остана најсилната врска на Доровски со македонската академска средина. Но, тоа и севкупниот влог на Доровски за МСМЈЛК и македонистиката и нѐ обврзуваат – големата благодарност што му ја искажуваме и во овие тажни моменти, да ја трансформираме во исчитување и целосно валоризирање на неговото дело и исто толку важно – постојано да вложуваме во кадри коишто ќе продолжат по неговиот пат на вонсериска истражувачка и преведувачка посветеност на македонската книжевност и култура.

проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска,

директорка на МСМЈЛК при УКИМ,

сите некогашни и сегашни семинаристи на Семинарот,

вклучително и сите семинаристи на 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ којашто во моментов е во тек.

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ)

Back to top button
Close