Случај Димитровска: Неподнослива леснотија на молкот

Освен едно соопштение, речиси три месеци молчеше и до денес не поднесе оставка на функцијата. Татјана Димитровска, сѐ уште актуелна претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) која од април годинава беше опфатена со истрага за едно кривично дело, од пред три дена е обвинета за две.

Јавноста досега знаеше дека таа се сомничи само за оддавање службена тајна во предметот „Адитив“. Соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од 18-ти јули откри дека таа е обвинета за уште едно кривично дело. На Димитровска ѝ се става на товар и дека со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Вибер на третообвинетиот – ревизор во Државниот завод за ревизија (ДЗР), му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Третообвинетиот од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации.

„Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна“, соопшти ОЈО ГОКК.

Оддавање службена тајна

Актуелниот состав на ДКСК со претседателката Татјана Димитровска, мандатот го започна на 8 февруари 2024 година, а првото дело што ѝ се става на товар – оддавање службена тајна, според наводите на ОЈО ГОКК, го вршела од мај до декември 2024 година, односно само три месеци по нејзиниот избор на таа позиција. За случајот „Адитив“ истражната постапка беше отворена кон крајот на месец април како резултат на екстрахираните електронски докази во рамките на тој предмет – случај во кој бил местен тендер за набавка на адитиви при согорување на јаглен во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“. Според обвинителството, таа на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ му направила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП, претставуваат службена тајна.

„Преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно со закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК“, наведе Обвинителството.

Членот 25 од законот предвидува дека „претседателот, членовите и вработените во Државната комисија коишто ќе имаат пристап до базите на податоци, се обврзани да ги чуваат, можат да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и не смеат да ги откријат на трети лица, спротивно на закон“.

Според членот 50, „службено лице не смее да ги користи информациите со кои располага во вршењето на функциите, јавните овластувања и службените должности за остварување корист или предност за себе или за друг”. Таквата обврската останува и во рок од три години од денот на престанокот на функцијата.

Презумпција на невиност, но и интегритет

Откако во април беше вклучена во проширената истрага за „Адитив“, Димитровска во нејзиното единственото соопштение до јавноста на крајот од април наведе дека нејзината комуникација со лицето – кое го опиша како семеен пријател, а подоцна било обвинето во случајот – се одвивала во период пред почетокот на постапката против него.

„Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот ‘Адитив’. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата“, уверуваше таа.

Порача дека кредибилитетот и интегритетот на ДКСК не смеат да бидат оспорени. Не покажа сензибилитет пред бројните повици во јавноста дека треба да даде оставка.

„Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат. Останатите шест членови на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена“, порача тогаш Димитровска.

„Секако дека треба да се почитува принципот на презумција на невиност, но функцијата што таа ја извршува – претседател на ДКСК, подразбира, пред сѐ, да се има морален и професионален интегритет“, вели поранешен член на ДКСК.

„Секој со интегритет, не би сакал, ниту би дозволил, периодот додека трае истрагата или процесот, на каков било начин да влијае врз угледот на институцијата. Тоа значи дека би си дал оставка, за да може Комисијата неоптоварено да функционира надвор од сенката на каков било сомнеж. Оставка не значи признание на вина, туку е чин на личен морал. Во случајов тоа не го видовме. А докажување на невиност во случајот, би било круна, врвна потврда на еден претходно манифестиран интегритет“, вели поранешен член на ДКСК.

Останатите членови на Комисијата и претходно изјавува дека продолжуваат непречено да работат и да ги извршуваат должностите. Истото го тврдат и сега, но неофицијално, се очекува денеска (21.07) да се огласат со став по поднесеното обвинение против актуелната претседателка на ДКСК. Минатиов викенд во одговор на прашања од „360 степени“ кусо порачаа дека „одговорноста е индивидуална, поради што Комисијата поседува кредибилитет и продолжува со своето работење”. На прашањето – дали претседателката (ќе) си поднесе оставка по обвинението – одговорија дека ценат оти одговор на прашањето треба да даде лично претседателката Татјана Димитровска.

За разлика од воздржаноста на актуелните членови на ДКСК, поранешната претседателка на оваа Комисија, Билјана Ивановска, уште кога беше отворена истрагата за Димитровска во случајот „Адитив“, рече дека тоа е тежок удар за институцијата и дека не треба да се седи со скрстени раце.

„Прво и основно, треба да си поднесе оставка, затоа што на овој начин сѐ уште ја инфицира институцијата“, рече тогаш Ивановска.

Истиот став го повторува и денес. Но, што ако тоа не се случи? Според правниците, на потег е Собранието, пред кое одговараат претседателката на и членовите на ДКСК. Од речиси сите парламентарните партии најавуваат дека ќе наскоро ќе излезат со став по ова прашање.

Димитровска досега Собранието го спомна само еднаш, во контест на привилегијата за нејзиното добивање дипломатски пасош. Изјави дека е легитимно право на секој член на Комисијата да си побара дипломатски пасош по основ на тоа што се избрани од Собранието, и дека пасошот не е побаран за приватни цели туку затоа што се често поканети на настани во други држави.

Ниту еден член од минатиот состав на ДКСК немаше дипломатски пасош. (dw)

Back to top button
Close