Случај „Ивана и Катја“: Сосетката Тања Спировска два пати повикала и полиција, – од таму и се заканиле дека ќе ја гонат за лажно пријавување
На денешното судско рочиште исто така сведочеше и сосетката Тања Спировска пред судот нагласи дека насилството го слушала во период од две години, а во два наврата повикала и полиција, но, како што рече, интервенциите завршиле без конкретен исход и со полициски закани кон неа за лажно пријавување.

– Во зградата константно слушавме тропање и викање. Една ноќ околу 2 часот се слушаше гласот на Катја, викаше „тато, ќе ја убиеш мама“. Мислам дека и некои од другите комшии тогаш излегоа во ходниците. Двапати имам повикано полиција, се качувавме заедно на катовите да откриеме од каде се викањето и тепањето. Првиот инспектор беше коректен, запиша дека не се слуша, бидејќи во ходниците навистина не се слушаше ништо, провери во еден стан и замина. Вториот инспектор кога дојде беше многу дрзок, нервозен и лупаше во станови, на врати, прашуваше на кој кат се, реков не знам, само знам дека се над мене. Тропаше на стан 60, ја бараше сопругата на комшијата, му велев дека не е тој стан, по што мене ми се закани дека ќе добијам кривична пријава за лажно пријавување, му реков „слободно одма напиши“ – сведочеше Спировска.
Посочи дека звуците од удирање со столови и гласовите на девојчето најчесто ги слушала од дневната соба во нејзиниот дом поради што на полициските службеници им укажала дека насилството не се слуша во ходниците, туку исклучиво вертикално низ становите. По последната пријава во полиција, Спировска рече дека им се извинила на комшиите за тропањето на вратите од страна на инспекторот и напишала во вибер-групата на станарите дека „машкоста не се докажува со тепање“.
На прашање од Обвинителството дали слушнала за некои други вакви настани поврзани со Ивана и Стојанче, таа рече „од комшиите сум слушнала, можам да кажам дека од речиси сите комшии“.
По сведочењето, јавната обвинителка го повлече предлогот за сослушување на мајката на обвинетиот, Цветанка Јовановска, оценувајќи дека фактите се доволно разјаснети. На следното рочиште е најавена презентација на материјални докази.






