Случај Мијалков: скандалозни 24 часа пинг-понг

Од моментот кога се добиени индиции за бегство на Мијалков, до моментот кога му се губи трагата, поминале и повеќе од 24 часа, потрошени во јалови преписки и губење време. Коментар на Катерина Блажевска.

Во професионални, добро организирани и координирани институции, ако во 12 часот се добие индиција дека лицето ХХ планира бегство, до 15 часот сите можности за тоа ќе бидат целосно затворени.

Кај нас за истава работа не беа доволни ни два дена. Нека се и два, ама барем работата да беше завршена.

Вака, и времето потрошено, и обвинетиот избеган, а и онаа минимум доверба во институциите, сега е претворена во пепел.

Прво, главниот доказ дека се работи за неефикасност и пропусти доаѓа од податокот дека трагата на Мијалков се губи во недела доцна попладне (22.2.), а индициите за негово бегство биле добиени уште во сабота напладне (21.2). Значи надлежните имале и повеќе од 24 часа да обезбедат негово спроведување во куќен притвор.
Второ, чинот на бегство воопшто не изгледа тежок, кога ќе се види колку време било залудно потрошено со непотребни пинг-понг преписки меѓу Обвинителството и МВР.
Трето, нема совпаѓање меѓу изјавите на обвинителката Вилма Русковска, и наводите во соопштението од Обвинителството со кое таа раководи. Русковска во неколку изјави за медиуми потенцира дека во сабота напладне по 12 и 30 часот, остварила контакт со министерот за внатрешни работи за да го информира дека од нејзин извор добила информации дека е можно бегство на обвинетиот Сашо Мијалков.

Но, ако го читате соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, произлегува дека е сосема обратно – дека изворот на информацијата за намерата на Мијалков, е МВР.
„Првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, Министерството за внатрешни работи ги сподели со обвинителството на 20.02.2021 година (сабота) во 23:00 часот”, се вели во соопштението на Обвинителството.

Според Рускоска, пак, тоа е терминот во кое МВР и го вратило истото известувањето што таа претходно им го испратила, само што додале генералии на обвинетиот Мијалков. Тоа значи дека саботата од пладне до полноќ поминала како „лет во место“.

Прашањето е зошто Обвинителството веднаш не поднело предлог до Кривичниот суд, што е негова надлежност, наместо да се допишува со МВР?

Второ, за каков профил на „приватен извор“ станува збор, штом обвинителката инсистирала да се провери релевантноста на неговата информација во МВР?

Трето, не се знае што е попоразително – тоа што АНБ немала сознанија за бегство (!) или што обвинителката губела веме повторно да го бара изворот, за да слушне од него – на скала од 1 до 10 колкава е веројатноста Мијалков да избега? Сето ова се случува во недела на пладне. Веќе се поминати 24 часа од првиот аларм дека Мијалков се подготвува за бегство. И половина од денот недела поминува како „лет во место“.

Но, и хронологијата понатуму, говори за неодгорно трошење на времето. Кога предметните обвинители стигнале во Кривичниот суд со предлог за определување на притвор (во 14 и 30 часот), Мијалков сѐ уште го допивал пијалакот кај „Мериот“. Предлогот на Обвинителството бил примен во Судот во 15 часот, а решението на судот било примено во Обвинителството во 18:45 часот. После цели три часа и 45 минути! Толку ли време реално било потребно? Нема ли порив за поголема експедитивност во вакви случаи, кога објективно постои опасност секој што дошол во контакт со предлогот за притвор, да му стане потенцијален извор на обвинетиот? Зарем се заборава колку контакти во судството, обвинителството и во полицијата има воспоставено Мијалков од времето на неговото директорување во УБК, колку луѓе има задолжено со вработувања или унапредувања (дел од „бомбите” говореа за тоа), а не се знае колку од нив и денес повеќе работат за него, отколку за институциите во кои се вработени.
Затоа, паралелно со известувањето на МВР дека не го пронашла Мијалков, во исто време требаше итно да бидат одземени телефони и други комуникациски алатки на сите што потенцијално можеле да бидат извор на информација за обвинетиот – судии, дактилографки, портири, курири, обвинители, полициски службеници. Таква истрага не е отворена, а би имала ефект само ако се отвори веднаш, додека евентуално сѐ уште не се уништени доказите. Тој воз помина.
На крајот, не знаеме дали има вистина во информацијата на изворот на Русковска, дека Мијалков планирал да избега преку зелениот појас на границата кај Куманово. Прашање е дали и тој извор не бил дел од шемата, со цел да го насочи вниманието на погрешно место, за на бегалецот да може да му биде полесно да помине на вистинското. На крајот, кога станува збор за поранешен директор на УБК, што воопшто значи мерката „одземен пасош“? Ако Горан Грујевски покажа дека располага со респектабилна колична лажни лични и патни исправи, зарем верувате дека колекцијата на Мијалков била помала?

Извор: Дв

Back to top button
Close