Случај ММДЧП против Османи – нема прво судско рочиште туку подготвително, реагира МНР
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска нема да се појави во суд во врска со тужбата за навреда и клевета која против него ја поднесе Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП). Причината, велат од Министерството за надворешни работи (МНР), е што дека шефот на дипломатијата нема добиено покана за на суд.
Покани има, појаснуваат оттаму, но за адвокатите на странките во постапката. Со други зборови, за денеска е закажано т.н. подготвително рочиште.
„Министерот Османи нема покана за на суд; денес се одржува рочиште на кое се поканети адвокатите. Што се однесува до самата тужба, таа е целосно неоснована. Министерот никогаш не дал изјава која може да се смета за навреда, клевета или која предизвикува штета. Целта очигледно не е правна разврска, туку јавна дискредитација. Веруваме дека во објективна постапка судот ќе ги увиди фактите, и соодветно, ќе ја отфрли тужбата како неоснована“,
велат од Министерството за надворешни работи.
Инаку, повеќе портали утрово објавија дека станува збор за прво судско рочиште против министерот за надворешни работи по тужба за навреда и клевета поднесена од страна на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП). Неколку часа претходно, таква информација сподели токму ММДЧП на своите интернет канали и профили. На пример, подолу е објавата на социјалната мрежа Фејсбук.
Македонското меѓународно движење за човекови права поднесе тужба против Османи, откако шефот на дипломатијата во октомври минатата година за бугарската телевизија БТВ изјави дека треба да се провери кој стои зад отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград поради чувствителноста на билатералните односи и да се види дали навистина има добронамерност или е дел од туѓа агенда.
ММДЧП, како што наведуваат порталите, го тужи Османи бидејќи ја посочил организацијата со седиште во Канада како еден од финансиерите на отворањето на клубот во Благоевград, наведувајчи дека станува збор за фондација која е антиамерикански, анти-НАТО и анти-ЕУ ориентирана, што е спротивно на интересите на македонските граѓани и на македонската заедница во Бугарија. Османи, според организацијата ги изнел тврдењата на прес-конференција на 11 ноември 2022 година.
Инаку, Македонското меѓународно движење за човекови права освен против министерот за надворешни работи до Основниот граѓански суд во Скопје поднесе тужба за навреда и клевета и против редакцијата на „360 степени“. Причината беше новинарски текст за македонскиот клуб во Благоевград, во кој беше и улогата на ММДЧП во отворањето на клубот и ставовите на организацијата и нејзиниот основач, Бил Николов. Движењето со седиште во Торонто ја поднесе тужбатана 27 јануари, оваа година. „360 степени“ достави одговор на тужбата, во кој ги побива сите тврдења за навреда и клевета против ММДЧП.