Случајно или намерно лицата со попреченост предмет на говор на омраза

На работа, во маркет, на улица, во секојдневната комуникација лицата со попреченост често се среќаваат со говор на омраза. Од некои намерно, од некои, пак, сосема случајно се употребуваат зборови кои можат да допрат до емоциите на овие лица. Ненормален, ретардиран, ментален, идиот, имбецил, нездрав, будала… се само дел од зборовите што ги користиме без трошка совест дека ќе повредат некого.

Иако во земјава говорот на омраза води кон кривично дело казниво со затвор од една до пет години, во практиката, ваквиот начин на однесување е прифатен како нормален. Говорот на омраза самиот по себе не е кривично дело, но е регулиран од кривичен аспект, според повеќе елементи пропишани во Кривичниот законик.

Покрај употребата на навредливи зборови кон лицата со попреченост, се девалвира и нивниот труд, но и способности. Најчесто не ги вработуваат или, пак, ако ги вработат од сожалување, не им даваат работни задачи сметајќи дека не се способни за нивно извршување. Пример за тоа е Игор Шајновски, лице со Даунов синдром, кому му биле ветувани повеќе работни места, добивал работа, но не и задолженија. Сега тој е вработен во Центарот за подобрување на квалитетот на животот на лицата со интелектуална попреченост „Порака нова“, каде што го продава уличното списание „Лице в лице“ и достојно си ја врши работата.

Игор Шајновски, лице со Дунов синдром, се залага за подигање на свеста против говорот на омраза

Триесет и двегодишниот Игор Шајноски од струшкото село Радожда е лице со Даунов синдорм, кој добро ѝ е познат на јавноста по уривањето рекорди во продажбата на уличното списание „Лице в лице“. Тој смета дека граѓанската свест за говор на омраза треба да ја кренеме на повисоко ниво, како на локално така и на државно ниво.

– Да им покажеме на сите дека вистински работиме и сме способни за работа. Со продажбата на уличното списание јас придонесувам во семејниот буџет и среќен сум што работам, вели Игорче.

Порача политичарите да работат на граѓанската свест и намалување на говорот на омраза, не само кон ранливите категории, туку и кон останатите граѓани.

Игор чесно заработува, а тоа што е лице со Даунов синдром, не му дава право никому за дрзок однос и деградација.

Кога го продава списанието, културно се приближува кон потенцијалните купувачи презентирајќи дел од содржината, но вели дека често наидува на непријатни ситуации. Некои веднаш го бркале со изговор дека е пандемија, некои, пак, дрско и навредливо се однесувале кон него. Потенцира дека има и такви што кога ќе го купат списанието, сакаат да се фотографираат со него или, пак, да испијат пијалак заедно, што го мотивира да продолжи да работи.

Во непријатните ситуации, кога кон него се нафрлаат со говор на омраза, вели дека премолчува и се повлекува од местото, но имало и моменти кога не можел да го поттисне бесот и тивко го истура со удирање врз списанието или, пак, на маса.

– Кога ќе сакам некому да му го презентирам списанието, ако се обиде да ме прекине, јас упорно зборувам, со цел да ме ислуша што нудам. Некои луѓе го купуваат списанието, но има и такви со тврд став, кои се обидуваат да ме навредат. Во такви ситуации само со трпение се контролирам, да не им возвратам и удирам на списанието или на маса за полека да го испуштам бесот, раскажува Шајноски.

Неговиот ментор Стефан Малески вели дека Игор е воспитуван да биде смирен и да ги почитува сите луѓе. Кога се соочува со спротивно однесување од она на кое работел со семејството и тимот во „Порака нова“, се обидува да го надмине.

– Некогаш му се восхитувам на смиреноста и на тоа како ги контролира своите реакции. Има висок степен на трпение. Често разговараме, му објаснувам дека сите луѓе се различни и не реагираме сите исто на работите, истакнува Малески.

Во секојдневната комуникација со луѓето на терен, посочи, дека се обидуваат да ја подигнат свеста кај населението дека Игор е продавач, кој нуди квалитетен производ од чие купување има двојна придобивка, поддршка на неговото вработување и квалитетните теми што ги нуди списанието.

За професионалноста на Игор и високиот степен на толеранција говори и секретарот на „Порака нова“, Анита Гагоска, која се осврна на примерот кога две госпоѓи на кои им го понудил списанието агресивно му се обратиле со: „Тргни ми се оттука!”. Подоцна, откако тие седнале во близина на жените, ја прашале Анита што продава „детето“, на што Шајноски со цела смиреност станал и им го претставил списанието.

– На неговото воспитување и однесување можеме многумина да му завидиме. На неговата сталоженост и почитување спрема секое човечко битие исто така. А што правиме ние за возврат? Само судиме оптоварени со предрасуди и стереотипи, заклучува Гагоска.

Термини од традиционалниот говор носат последици врз лицата со попреченост

Таа забележа дека иако несвесно, сите ние во секојдневната комуникација користиме навредливи зборови, кои може длабоко да допрат до лицата со попреченост. Со цел подигање на нашата свест, направила истражување со термини, кои ги користиме во секојдневниот говор, а најприменувани зборови се ненормален, ретардиран, ментален, идиот, имбецил, нездрав, будала, за гревота.

– Да се освестиме самите ние кои термини ги користиме кога разговараме со роднини и со пријатели, но и со луѓе што не ги познаваме. Ненормален, ретардиран, идиот, се термини што непосредно се однесуваат на лицата со попреченост. Најверојатно се произлезени од нашиот традиционален говор и се останати како едно негативно наследство, но се многу подлабоки и носат далекосежни последици, вели Гагоска.

Работејќи со лица со попреченост се соочила и била сведок на говор на омраза.

– На социјалните мрежи има ситуации во кои родители на лица со попреченост се толку гласни и навредуваат, што користат говор на омраза кон другите граѓани. Дури и ние, лицата што работиме со нив, често сме нападнати со говор на омраза од семејствата на лица со попреченост, истакна Гагоска.

Не сите лица со попреченост се соочуваат со говор на омраза. Спротивно на Игорче, кој често се среќава со говор на омраза, Орхидеја Топенчарова, мајка на дете со интелектуална попреченост, вели дека нејзината 39-годишна ќерка е постојано во нивно присуство и ниту еднаш не се соочиле со говор на омраза од околината.

– Досега не сме се соочиле со говор на омраза кон нашето дете, ниту на улица, ниту во продавница не сме се соочиле со недолични коментари. Ќерка ми е 24 часа во наше присуство и најчесто сакале да ѝ угодат, да ѝ ја исполнат желбата, вели Топенчарова, говорејќи со воодушевеност од институциите и начинот на кој се однесуваат кон нејзиното чедо.

Говорот на омраза и во инклузијата на лицата со попреченост во образовниот систем

Со говор на омраза се среќаваме и во практиката кога зборуваме за примена на Законот за основно образование, во делот на инклузија во образовниот систем на лица со попреченост како од страна на децата така и од родителите.

Дефектологот во основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Струга, Соња Маџоска, која истовремено е и специјален едукатор и претседател во „Порака нова“, вели дека сама работи со седум дечиња со различна попреченост во посебна училница во училиштето. Во 20-годишното работно искуство со лица со попреченост, тврди дека и покрај многуте обиди, немало ефект за спречување на говорот на омраза врз основа на лична карактеристика.

– Многу ме погодува кога ќе слушнам говор на омраза кон моите ученици само поради тоа што се лица со попреченост. Речиси немам поддршка од колегите во соочувањето со оваа ситуација. Сум слушнала разни навреди од страна на моите колеги дека не можеле да ги трпат родителите кога доаѓаат на врата да ги донесат своите деца со попреченост, па како мирисало кога ќе поминат од кај нашата училница, дури не сакаат ниту да влезат во нашата просторија, вели Маџоска.

Инклузијата во нивниот случај е само тоа што се во истото училиште со ученици со типичен развој.

– Многу често се соочуваме со навреди и со говор на омраза. Веќе сме некако и навикнати на тоа. Го гледаме манифестирањето во однос на соработката за различни настани. Гледам дури дека учениците со типичен развој се плашат од учениците со попреченост, за што вината ја гледам во општеството. Се соочуваме и со недоволна информираност од страна на родители и наставници, истакнува Маџоска.

Слаѓана Стојкова Костоски

Сторијата е изработена во соработка со списанието „Лице в лице“, како дел од проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: Акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција”

Back to top button
Close