Случајот со изживувањето над штркот не е пријавен во полиција, МВР превзема мерки врз основа на објавената фотографија

Вознемирувачките фотографии од повреден и крвав штрк кои вчера на социјалните мрежи ги објави Ленче Алексовска од Гевгелија со појаснување дека птицата била во тешка состојба откако деца, малолетници на велосипеди, намерно ја повредиле, предизвика бурни јавни реакции.

За случајот со штркот, кој како што објави Алексовска, имал скршено крило, отворена рана и крварење, сторителите биле снимени на камера.

Но, и покрај сериозноста, од СВР Струмица за ,,Фокус” информираат дека настанот не бил пријавен во полиција.

-Во врска со објавата ве известуваме дека до овој момент во ПС Гевгелија не е пријавен настан за повредениот штрк.

Од страна на полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија се преземаат мерки во рамки на надлежностите врз основа на објавената фотографија на социјалните медиуми, за што е запознаен и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, по чии насоки се постапува, истакнаа од таму.

За настанот се огласија и од здружението за заштита на животните Анима Мунди, од каде повикуваат на итна институционална и општествена реакција.

Освен детална истрага и одговорност од родителите и/или старателите, бараат и психолошка проценка и работа со децата кои учествувале во чинот, активирање на сите законски механизми за заштита на животните, и јавна осуда на настанот од образовните институции и локалната самоуправа.

Ленче Алексовска пак, која ја објави фотографијата и алармираше за суровиот настан, е позната во јавноста по нејзината грижа за штркот Мишко, кому му помогнала да презими, а потоа тој постојано се враќал кај неа.

повеќе

Back to top button
Close