Случајот со Леонид Индов не е единствен, неделава почнуваме со иницијативата за измени на застарените закони, вели Андоновски
Во текот на оваа недела ќе почне да се работи на иницијатива со која се предвидуваат измени на законски и подзаконски акти на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ), најавува заменик-народниот правобранител Јован Андоновски.
Во врска со оваа иницијатива, Андоновски вели дека засега немаат никаква реакција од Фондот.
„Засега немаме никаква реакција од страна на ФЗОРСМ. Ние најавиме иницијатива. На таа иницијатива ќе почне да се работи оваа недела. Со неа предвидуваме измени на Законот и на подзаконските акти, особено на подзаконските акти на ФЗОМ коишто се застарени и антидатирани“ рече Андоновски денеска одговарајќи на новинарски прашања по учеството на конференцијата „Украина – две години хероизам“ во Скопје.
Измените, како што рече Андоновски, би биле во насока да се цени секој случај индивидуално, односно да не може да се категоризираат предметите само дали станува збор за лекување или рехабилитација, особено за оние случаи кога станува збор за животозагрозувачка состојба на пациентите.
Тој потврди дека случаите со Леонид Индов и Јани Иванов од Неготино не се единствени, туку постојат повеќе случаи на кои ФЗОМ на осигурениците не им овозможува соодветен третман.
„Од нашето практично работење, можам да кажам дека не е само случајот Леонид Индов или Јани Иванов од Неготино. Станува збор за дузина случаи со коишто ФЗОМ на осигурениците не им овозможува соодветен третман, а притоа нивната состојба или останува иста или се влошува, за жал“ додаде Андоновски.
На семејството на Леонид, како што рече Андоновски, им бил даден правен совет за тоа во која насока треба да се однесува нивната жалба до второстепената комисија. Очекувањата на Андоновски се дека комисијата ќе излезе во пресрет на нивното барање.
Заминувањето на Леонид во Виена беше по лично барање на родителите, вели Манолева
Првостепената комисија на ФЗОРСМ го одби барањето за лекување на младиот Леонид Индов во болница во Австрија затоа што според правилникот на ФЗОРСМ за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство „медицинска рехабилитација“ не е на товар на Фондот. По приемот на решението од првостепената комисија, семејството на Леонид има право на жалба во рок од 15 дена до второстепена комисија.
Индов на почетокот на месецов (6 февруари) беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи.
Но две недели подоцна, односно вчера, беше објавена веста дека на Фондот за здравствено осигурување го одбил барањето на семејството на Индов – момчето да се лекува во Виена, затоа што такво „продолжено болничко лекување“ можело да се изврши и во здравствени институции во земјава.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се споделува повик до граѓаните да донираат средства за младиот Индов да може да го продолжи лекувањето во Виена.