Случај „Планина“: Пресуди за тројцата преостанати обвинети од групата од Грчец

Случајот е за неовластена продажба на дрога, за што организирале мрежа на препродавачи и посредници во која биле опфатени и преостанатите осудени и осомничени лица. Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови. Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, ги известувале И.М. и Б.Љ. кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4 до 5 000 денари по грам за кокаин и од 12 до 15 000 денари за 100 грама марихуана

Вчера во Основниот кривичен суд Скопје беа објавени пресудите за преостанатите тројца обвинети во предметот „Планина“. На обвинетите за кои обвинителството докажа дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од чл. 215 ст 3 в.в. со ст. 1 од Кривичниот законик, судот им изрече казна затвор и тоа:– на обвинетиот С.Б. во траење од четири години,

– обвинетиот Р.С. е осуден на казна затвор во траење од шест години,

– на обвинетиот О.Е. судот му опредил казна затвор во траење од три години и шест месеци.

Во март минатата година беа донесени две наредби за спроведување на истражна постапка против членови на две криминални групи што се занимавале со неовластена продажба на наркотична дрога. Паричните средства стекнати од неовластената продажба ги предавале на организаторите, кои како награда им давале плата или процент од постигнатата цена што се движела во износ од 4 000 до 5 000 денари за 1 (еден) грам кокаин и во распон од 12 000 до 15 000 денари за 100 грама марихуана.

Во изминатиот период, предметните обвинители постигнаа спогодба со 14 обвинети лица, за две лица истрагата е прекината заради нивна недостапност на органите на прогонот, за три лица е донесена Наредба за запирање на истрага, додека на пет лица им е изречена пресуда по признание на вина.

Заклучно со вчерашната пресуда, Основниот кривичен суд Скопје има изречено 22 казни затвор и тоа:

– за две лица во траење од по шест години,
– за две лица во траење од по пет години,
– за три лица е изречена казна затвор во траење од четири години и шест месеци,
– за три лица во траење од по четири години,
– за три лица е определена казна затвор од по три години и шест месеци,
– едно лице е осудено на казна затвор од три години и пет месеци и
– осум лица се осудени на казна затвор од по 3 години.​

Back to top button
Close