СЛУПЧАНСКИ ФРОНТ

ЕВН, по повеќегодишна опсада и преговори, го скрши отпорот на арачиновци и успеа да влезе во селото за да ја модернизира мрежата. Но, кумановско Слупчане не се дава. Во селото каде масовно се краде струја, жителите со денови со блокади не им дозволуваат на екипите на ЕВН да ги сменат струјомерите. Претседателот на месната заедница Сељадин Шаини рекол дека жителите се подготвени да го платат долгот кон ЕВН, но не сакаат да плаќаат камата на камата, бараат да им се намали цената на струјометрите и да им се прости долгот на социјално загрозените семејства.

Австриската ЕВН е компанија од ЕУ. Се моли Владата да го вклучи Сељадин од Слупчане во тимот на Бојан Маричиќ за преговори со ЕУ. Тој ионака веќе е вклучен во преговорите во кластерот „Енергетика“. На терен оперира со „европскиот фронт“ на Димитар Ковачевски и коалиционите партнери.

Значи, ЕУ преговара со тие што не плаќаат и ги тинтра. А ние, што почитуваме обврски и рокови и си плаќаме сѐ, од даноци до казни, не заслужуваме такво тинтрање.

Би ги замолил овие од СДСМ да не ги иритираат вмровците со изјави дека Мицкоски прифатил промена на Уставот. Ако сакате да ви поминат уставните измени што побрзо, оладете малку. Гледате дека во ВМРО-ДПМНЕ се со краток фитил. А и самите веќе не знаат што бараат – избори, преодна влада, техничка влада, влада без ДУИ, влада и без ДУИ и без корумпирани… Иако, ако условот е и без корумпирани, каде ли ќе најдат толку министри и во своите редови?

Башка што и лидерскава средба требаше да биде дијалог. А се претвори во монолог. Кој ќе стане порано, тој прв ќе даде соопштение. Па после соопштение на соопштение… Отиде денот, отиде летото… На ВМРО соопштенијата им се готови еден месец однапред и обично порано стануваат, а сдсмовците бидејќи 24/7 одат рамо до рамо мора да поспијат подолго.

Како и да е, извесно е дека ќе има промена на Уставот. Само, ако може некој друг да го земе кабаетот.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close