„Службен весник“ ги објави измените во Кривичниот законик


Заврши процедурата пред стапување на сила на измените на Кривичниот законик. Откако Владата „тајно“ ги усвои, Собранието експерсно ги донесе по скратена постапка (со европско знаменце), а претседателот Стево Пендаровски ги потпиша, остана уште тие да бидат објавени во „Службен весник“.
Тоа е веќе направено во вчерашниот број на „Службен весник“ со датум 7 септември 2023.

Измените се однесуваат на 38 члена од Кривичниот законик, за кои власта рече дека 35 се за усогласување со директивите на ЕУ.

Меѓутоа, она што предизвика бура негативни реакции во јавноста е што измените опфатија промена на членовите кои се однесуваа на злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353) и злосторничкото здружување (член 394).

Со изгласувањето, пратениците ги намалија пропишаните казни за двете кривични дела, воведоа горна граница на максималната казна, а и укинаа еден став од членот за злоупотреба на службената положба и овластувања. Со тоа предвидоа и порано застарување на делата.

Измените на Кривичниот законик, како што е предвидено, ќе стапат на сила на осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“. За повеќето членови е наведено дека ќе почнат да се применуваат шест месеци по стапувањето на сила, но тоа не се однесува и на измените на делата за злоупотреба на службената положба и овластувања што значи дека тие ќе почнат да важат веќе за една недела отсега.

 

Какви измени има за злоупотреба на службената положба и за злосторничко здружување

Во однос на злоупотребата на службената положба и овластувања – членот 353, како што веќе пишувавме, има промени во ставот 3 кој предвидуваше дека „ако сторителот на делото од став 1 прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сторителот ќе се казни со затвор најмалку три години.“

Со измените се воведува горна граница на казната и ставот гласи:

„Ако сторителот од делото од став (1) на овој член, со намера прибави за себе или за друг поголема имотна корист или нанесе поголема имотна штета, ќе се казни со затвор од една до четири години“.

Ставот 5, пак, од истиот член се брише и станува непостоечки, а се однесуваше на злоупотреба на службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или штета на државниот Буџет. Тој гласи:

„Ако делото од ставовите (1) и (4) е сторено при вршење јавни набавки или штета на средствата од Буџетот на Република Македонија, од јавните фондови или од други средства на државата, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Наместо него, се додаваат два други става:

5) Со казната од ставовите (1), (2), (3) и (4) на овој член ќе се казни и одговорно лице, одговорно лице на странско правно лице што има претставништво или врши дејност во Република Северна Македонија или лице што врши работи од јавен интерес, ако делото е сторено во вршење на неговото посебно овластување или должност.

(6) Прибавената имотна корист се одзема“.

Исто така, се направија измени и на членот 353-в кој се однесува на „Несовесно работење во службата“, поточно на ставовите 2 и 3. Тие, во досегашниот закон гласеа:

„(2) Ако сторителот на делото од став 1 прибави поголема имотна корист или предизвика поголема имотна штета или потешко ги повреди правата на друг, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(3) Ако сторителот на делото од став 1 прибави поголема имотна корист или нанесе значителна штета, ќе се казни со затвор од најмалку три години“.

Во новиот владин предлог е предвидено бришење на ставот 2 од членот 353-в и измена на ставот 3. Така, наместо казна затвор од најмалку три години за службено или одговорно лице во јавно претпријатие или установа кое ќе прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета, сега се поставува граница – од шест месеци до пет години.

За кривичното дело злосторничко здружување – член 394, пак, пратениците изгласаа намалување на казните. Досега затворските казни во зависност од ставот на овој член беа „од една до десет години“ (став 1) и од „шест месеци до пет години“ (став 2), а со измените тие се намалуваат до три (став 1) односно до две години (став 2).

Измените првично поминаа на владина седница одржана на 29 август 2023 година, но јавноста не беше информирана за тоа ниту од владината прес-служба ниту од некого од нејзините членови. Во Собранието тие беа поднесени со европско знаменце. Таму експресно го поминаа филтерот во Комисијата за европски прашања, а потоа и на пленарна седница каде беа изгласани со 48 гласа „за“. 36 пратеници беа „против“, а еден имаше „воздржан“.

Дел од опозицискиот блок и невладините повикуваа претседателот Стево Пендаровски да го искористи правото на вето, но тој вчера попладне соопшти дека одлучил да го потпише указот.

 

 

Back to top button
Close