Снабдување со природен гас ќе има, енергетските компании ги доставија барањата за цената на струјата

 

 Пристигнати се барањата од трите енергетски компании за цената на електричната енергија по 1 јануари, а на јавниот повик на ЕСМ за набавка на природен гас за потребите на топланите во Скопје, според последните информации, доставени се две понуди.

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) информира дека АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција” бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, додека универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум” бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија.

– Ако се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 процента на крајниот трошок, информира претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

 

Тој нагласи дека уште од сега може да потврди дека трошокот за дистрибуција на електрична енергија ќе биде намален.

– На тој начин ќе се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и за сите компании коишто се на слободниот пазар на електрична енергија. РКЕ ги анализира барањата. Нашата методологија е во целост усогласена со европското законодавство и има таму голем број на елементи коишто влијаат на крајната цена. Тоа се пред се трошоци за дебаланси, понатаму фактор на корекција коишто го имаат трите компании и исто така има и други елементи како што се пренесени трошоци, така што сите овие елементи овие денови ги анализираме и во текот на оваа недела врз основа на тие анализи ќе ги донесеме конечните одлуки, напомена Бислимоски.

Претседателот на РКЕ информира и дека за домаќинствата останува иста блоковската структура, а воведувањето блокови за малите потрошувачи се одложува до 30 јуни идната година.

Во однос на природниот гас, министерот за економија Крешник Бектеши вчера ги повика заинтересираните и сите што имаат можност да снабдуваат, да достават понуди до крајот на денот.

Од 1 јануари, како што нагласи Бектеши, ќе има снабдување со природен гас за граѓаните, индустријата и институциите.

 

– Најважно од се е граѓаните и индустријата да бидат во континуитет снабдувани со природен гас, вклучително и топланите. Нашите компании се повикани да конкурираат на јавните повици кои се транспарентни и отворени. Не можеме да продолжиме 30 години да имаме само еден снабдувач. Уценување нема, има само диверзификација и реализација на определбите како држава во делот на пазарната економија, изјави Бектеши.

Според него, кој ќе даде подобра понуда, ќе биде снабдувач и на топланите и на индустријата.

Бектеши уште еднаш подвлече дека интерес на Министерството за економија е да има диверзификација во делот на снабдувањето со природен гас.

Back to top button
Close