Снегот предизвика блокади, прекини и застои во сообраќајот во Белгија и Холандија

Снегот кој од изминатата ноќ и претпладнево паѓа во Белгија и Холандија создаде снежна покривка со дебелина од неколку сантиметри и предизвика сериозен застој на патните правци и во авиосообраќајот, како и прекини во работата на повеќе институции.
Како што јавија белгиските медиуми, на патните правци ширум Белгија се формирани колони возила во должина од над 1.100 километри, кои се движат бавно прилагодувајќи ја брзината на условите на патиштата, кои се прекриени со снег и мраз. Застои во сообраќајот особено има во централниот дел на земјата.
Поради снегот откажани се 20 полетувања и 20 слетувања на бриселскиот аеродром „Зевентем“, а повеќе стотици патници ноќта ја минаа во аеродромската зграда.
Од 11 часот се затворени и главните терминали во пристаништето во Антверпен. Како што соопшти пристанишната управа, ваквата одлука е донесена поради „небезбедност“, бидејќи реонот на пристаништето е зафатен со магла и снег.

– Не е мудро да се работи во вакви услови, информира управата.
Повеќе белгиски училишта денеска прогласија неработен ден во интерес на „безбедноста на учениците и персоналот“, а некои образовни институции одржуваат настава онлајн.
Снегот предизвика проблем и во работата на комуналните служби, бидејќи во некои реони поради снегот камионите за собирање смет биле отповикани да се вратат во своите бази.
Бриселското градско сообраќајно претпријатие информира дека поради снегот има „ограничување на некои автобуски услуги, поради тежок пристап до одредени делови од линиите“.
Покрај во Брисел прекини во автобускиот превоз има и во други места, пред сè во јужните делови на Белгија, каде во неколку градови градските автобуси воопшто не сообраќаат.

Белгискиот Кралски метеоролошки институт утрово прогласи портокаловиот метеоаларм за зимски услови на целата територија на Белгија, предупредувајќи на појава на голомразица под снежните покривки на патиштата, особено во централните и источните делови на земјата.
Според Институтот, во попладневните часови, почнувајќи од запад, снежните врнежи ќе прекинат, но сепак ќе има ниска облачност, што може да резултира со врнежи на смрзнат дожд во некои делови во вечерните часови.
Максималните температури ќе се движат од минус 5 до околу 5 степени, а се очекува и умерен до засилен ветер со налети и до 65 километри на час.

Белгиските железници информира дека во прекин е и железничкиот сообраќај од Белгија кон холандска територија, поради „проблеми со пругата“ во Холандија, каде поради снегот, исто така се бележат застои на патните правци, а во некои градови не сообраќаат автобусите на јавниот превоз.
Холандската железничка компанија апелираше до патниците да ги одложат патувањата со воз планирани за денеска.
На амстердамскиот аеродром Схипхол се откажани најмалку 800 летови предвидени за минатата ноќ и денеска, поради што над илјада патници ја минале ноќта во аеродромскиот комплекс.
И во Холандија е прогласен портокалов метеоаларм, а холандската Влада им препорача на граѓаните да останат да работат од дома доколку е тоа можно.






