Снегот предизвика сообраќаен хаос на Балканот, во Словенија го попречува спасувањето на двајца планинари

Снежното невреме низ Балканот денеска предизвика сообраќаен хаос, затвори училишта и остави илјадници домови без струја во Хрватска и Босна, додека лошото време во Словенија ги попречува напорите за пронаоѓање на двајца планинари изгубени на Алпите.

Како што пренесува Бета, според прогнозите, невремето се движи кон Србија и метеоролозите ги предупредуваат луѓето во западниот дел на земјата да избегнуваат патување и да се подготват за евентуални прекини на струја.

Планинари од Унгарија, маж и жена, се изгубиле вчера во планините северно од Љубљана при неповолни временски услови, а еден од нив има скршеница на ногата, јави словенечката агенција СТА.

Според истиот извештај, спасувачката мисија била прекината во текот на ноќта поради силниот ветер, слабата видливост и ризикот од лавина, а продолжила изутрината, со тоа што хеликоптерот не можел да полета поради лошото време за да стигне до планинарите кои биле исчезнати на надморска височина од околу 1.700 метри.

Шефот на планинската спасувачка служба Јернеј Ланишек изјави дека спасувачите се поблиску до исчезнатите, но и дека, според него, операцијата не може да се заврши пред вечерта. Во спасувањето учествуваат 40 лица.

Во соседна Хрватска сообраќајот е забранет на повеќето патишта во Лика и на некои делови од автопатиштата. Невремето на Јадранот го запре сообраќајот на фериботите меѓу брегот и островите.

Властите на Хрватска и Босна ги повикуваат граѓаните да избегнуваат патувања поради лошите временски услови.

Во северозападниот дел на Босна и Херцеговина, наставата во училиштата е прекината поради силно невреме. Околу 200.000 домови се соочуваат со прекин на електричната енергија, а на камионите и другите тешки возила им е забрането движење во многу делови од земјата.

На возачите им се препорачува да бидат „на високо ниво на претпазливост“ и да не патуваат без зимска опрема

Back to top button
Close