Снимател уапсен затоа што ги снимил ќерките на Вјоса Османи

 

Снимателот на косовскиот портал „Папараци“, Јетмир Муји, беше уапсен во Приштина и кратко потоа ослободен, потврди Здружението на новинари на Косово (AGK). Според нив, Муји снимал репортажа за образованието на ќерките на косовската претседателка Вјоса Османи кога нејзиното обезбедување го запрело, му ја одзело камерата и го замолило да ја избрише снимката.

 

Според соопштението на AGK, порталот „Папараци“ ги информирал дека нивниот снимател е приведен и е задржан во полициската станица во Приштина, пренесува KoSSev.

„AGK е алармиран и длабоко загрижен за ова произволно апсење и притворање и ја повикува косовската полиција веднаш да го ослободи Муји“, се вели во соопштението. Здружението оцени дека ова е незаконска и произволна постапка, што претставува злоупотреба од страна на полицијата. „Ова е неприфатлив напад врз слободата на медиумите и правото на граѓаните на информации“, се наведува во одговорот на AGK.

По апсењето, реагираше и Вјоса Османи преку Фејсбук. Таа го нарече настанот реакција на „континуираниот, незаконски и опасен прогон“ што, како што тврди, одредени медиуми го спроведуваат врз нејзините малолетни ќерки. Османи ги обвини, како што ги нарече, „таканаречените новинари“ дека ја загрозуваат безбедноста на нејзините деца, и кога оделе во јавно училиште и сега.

„Тие беа снимени без претходна дозвола. Овие „новинари“ никогаш не напишаа дека претседателката ги праќа нејзините деца во јавно училиште во Косово, иако таа се соочила со големи предизвици. Но, тие никогаш не пишуваа за други политичари, а особено за новинари, кои ги праќаат своите деца во приватни училишта, и во земјата и во странство“, рече Османи. Османи додаде дека полициската придружба на нејзините ќерки е предвидена со закон и дека нивната безбедност ја проценуваат надлежните институции.

„Моите ќерки се во категоријата со висок ризик. Јас не ги донесов овие закони, ниту пак ја направив проценката на ризикот. Оваа практика постои насекаде во светот. Сепак, дел од ризикот доаѓа од некои од овие таканаречени новинари. Во која демократска земја разоткривањето и загрозувањето на животите на децата се смета за слобода на изразување? Во ниедна“, рече таа. Конечно, таа предупреди дека ќе преземе сите законски мерки за да ги заштити своите деца од, како што ги нарече, „новинари чија цел не е да ја информираат јавноста, туку да ги загрозат животите на невини деца“.

 

Back to top button
Close