Снимен документарец за Дарко Панчев, премиерно ќе биде прикажан вo понеделник во Скопје
„Патот на Кобра до ѕвездите“ е името на документарниот филм посветен на македонската фудбалска легенда Дарко Панчев кој премиерно ќе биде прикажан в понеделник во хотелот „Александар палас“ во Скопје.
Документарецот е во копродукција на Спортското радио 90.3 ФМ, телевизијата Спорт клуб и продукцијата „Спорт нетворк“, а е реализиран под покровителство на Универзитет Скопје.
„Филмот е производ на нешто што си направил. Без тоа не може да се направи филм. Во која било дејност вие може да бидете и да имате среќа да направите огромно богатство. Но, ако немате од аспект на тоа што да се покаже во филмот, не може да го направите филмот. Така што, гледајќи од таа гледна точка, секако дека е на некој начин круна на кариерата“,изјави Дарко Панчев на денешната прес-конференција за документарниот филм.
Панчев откри дека се работи и на автобиографска книга, која треба да излезе за неколку месеци.
„Таа може да биде интересна за некој друг, кој можеби ќе направи игран филм. Нормално, не со мене, туку со вистински глумци“додаде Панчев.
Директорот на „Спорт нетворк“ и регионален претставник на телевизијата Спорт клуб, Радован Максимовиќ, на денешната прес-конференција кажа дека покрај филмот се подготвува и серијал од неколку епизоди кој треба да почне да се емитува од септември годинава.