Снимка со пукање од автомобил во Гостивар ги вознемири граѓаните, МВР постапува по допрен глас

Видео на кое се гледаат млади лица качени на автомобил, додека во позадина гласно се слуша музика, а едно лице пука во воздух со огнено оружје, се прошири на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции кај граѓаните.

Многумина побараа надлежните институции да го истражат случајот, посочувајќи дека ваквото однесување претставува сериозна опасност доколку навистина се случило во урбана средина.

Снимката првично ја објави активистот и адвокат Умејр Мухамеди, кој во објавата праша „Дали е ова Гостивар или Курдистан?“. Подоцна видеото беше отстрането од неговиот профил, бидејќи, како што наведе, од коректност кон сопственикот на возилото, кој, според него, не бил поврзан со настанот.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во изминатиот период во ОВР Гостивар не е поднесена пријава за неовластено пукање со огнено оружје за време на семејни веселби. Сепак, по појавувањето на снимката, полицијата презема активности по службена должност.

„Во изминатиот период нема пријава во ОВР Гостивар за неовластено пукање со огнено оружје при семејни веселби, а во врска со настанот, по допрен глас се преземаат соодветни мерки за идентификување на лицата и расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Извор: fokus.mk 

Back to top button
Close