Снопче:Ако Мицкоски е сериозен, и Алијанса е подготвена да излезе од владата, ќе подржиме било каков договор меѓу СДСМ и ВМРО!

Во врска со условот што го испорача шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, неговата партија да влезе во влада со проширено мнозинство, но без ДУИ, пратеникот и координатор на пратеничката група на Алијансата за Албанците (АА), Халил Снопче, говори ексклузивно за ЦИВИЛ Медиа.

„Ќе излеземе од владата, ќе подржиме било каков договор меѓу СДСМ и ВМРО и нека се изгласаат уставните промени. Ако навистина може да испорачаме почеток на преговорите по цена и на абнормалноста, и за тоа сме спремни без никаков проблем“, открива ексклузивно пратеникот Снопче.

Според него ова не е некаква новина во политичките односи во земјата.

„Значи, ова не е никаква новина во дискурсот на македонските политичари. Историјата, за жал, се повторува. Тенденцијата е да индиректно се помогне на ДУИ. И сега се разбира дека ќе има реакции, па контрареакции, па спинови, придружувани со контраспинови, што повторно во центарот на вниманието го става ДУИ како политички чинител. ВМРО-ДПМНЕ еве долго време работи во оваа насока. Реакциите на ВМРО -ДПМНЕ против Бехтел и Енка, рекламите што ги прави ВМРО последно време за Груби, за Османи и други фигури од ДУИ, токму се во оваа насока“, изјави Снопче за ЦИВИЛ Медиа.

Снопче вели дека опозицискиот лидер овие изјави не ги дава во афект, или во недостаток на информации и интелигенција.

„Не сметам дека г. Мицкоски има недостаток на интелигенција кога дава вакви изјави. Недостатокот на интелигенцијата во изјавите, не може да се компензира со популистички изјави, поради тоа што понекогаш може да бидат ризични. Не може да се направи пазар со демократските вредности. Коцкањето со демократијата, всушност преставува тенденција нормалноста да се замени со абнормалност, што не е добро за државата. Значи, оваа изјава, ако нема директна тенденција да му служи на ДУИ, значи, ако г. Мицкоски не е новиот актер што ја продолжува веќе воспоставената традиција започната од Груевски, и продолжена од Заев, тогаш ова би го коментирал како еден вид на политичка шизофренија“, изјави Снопче во ексклузивниот разговор за ЦИВИЛ Медиа, додавајќи дека истите, играа значајна улога во задржувањето на политичкиот рејтинг на ДУИ.

Сепак, заклучува тој, еве нека им биде, ако ВМРО-ДПМНЕ навистина мисли така, тогаш, и ние како Алијанса за Албанците нема да направиме никаков проблем и никаква пречка.

Дестан Јонузи

Back to top button
Close