Со 60.000 денари не се живее раскошно, вели претседателот на ССМ, Трендафилов во интервју за „Фокус“

На 1 Мај, наместо на марш, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе протестира, а причини за големиот протест се најниските плати во регионот, кои не се зголемуваат во согласност со потпишаните договори додека владата и работодавците одбиваат да ја зголемат минималната плата на 500 евра и сите други плати за најмалку 100 евра.

Во интервју за „Фокус“, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов апелира работниците да покажат единство оти живеат од плата, а не од политика и масовно да излезат да го искажат незадоволството.

ФОКУС: Тематските прес-конференции на пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ покажаа дека владејачката партија е против покачувањето на минималната плата. Пратеник што зема 118.000 плата, обвини дека вие живеете „раскошно“ со 60.000 денари плата на грбот на работниците. Се живее ли раскошно?

ТРЕНДАФИЛОВ: Не, за жал, граѓаните во анкетите кажуваат дека 60.000 денари им се потребни за обезбедување скромен живот, но дека од 100 до 120 илјади денари плата е веќе нешто што овозможува пристоен и достоен живот. За жал, пратениците имаат пристоен и достоинствен живот, а работниците имаат недостоинствен живот, непристојни услови за работа и непристојни плати.

Тоа треба да ги загрижува оние кои работниците ги бираат на избори и им даваат можност да извршуваат јавни функции. Граѓаните сметаат дека е лошо кога функционерите ги критикуваат работниците и нивните претставници.

Во демократските држави е обратно. Синдикатите, работниците и граѓаните ги критикуваат избраните и именуваните лица поради нивниот недостаток од желба да помогнат на работниците.

Не ги избираа работниците, не ги биравме сите ние да се борат против нас, ги биравме да ги подобрат условите за живот, да ги зголемуваат платите и да водат грижа за сите останатите.

Тоа што е срамно е што водат грижа да имаат патни трошоци, евтино бифе, да имаат храна и превоз, нешто што работниците го немаат, водат грижа нивните плати кои биле согласно одлука на Уставниот суд биле зголемени, да останат така зголемени и не водат грижа да ги зголемат работничките плати, да им овозможат на работниците храна и превоз.

Целото интервју можете да го прочитате во новиот број на неделникот „Фокус“ кој излегува на 30 април.

Back to top button
Close