Со 81 глас „ЗА“усвоен законот за прекршоци за воведување „Safe City“. СДСМ и дел од ДУИ гласаа против
Собранието на С, Македонија денеска го усвои Законот за прекршоци, со кој се отвора патот за целосно воведување на системот „Safe City“. За измените гласаа 81 пратеник, додека 19 пратеници се изјаснија против..
За усвојување на законските измени беше потребно гласање од двотретинско мнозинство.
Со ова, се отвора патот да се стави во функција системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајните прекршоци „Безбеден град“ од 1 февруари.
По барање на координаторката на Европскиот фронт, Рина Ајдари, гласањето беше повторено, односно секој пратеник гласаше поединечно.
Законот го поддржаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди, ЗНАМ, Левица и дел од пратениците на ДУИ, односно Европскиот фронт. Против гласаа сите присутни пратеници од СДСМ, како и дел од пратениците на Европскиот фронт, меѓу кои Блерим Беџити, Арбана Пашоли, Садик Сулејмани, Талат Џафери и Ријад Шакири.
Со стапувањето во сила на промените, системот „Safe City“ ќе почне да функционира со санкционирање на сообраќајните прекршоци во првите градови опфатени со проектот, а во следниот период се очекува проширување на целата територија на државата.





