Со 88 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за реорганизација на министерствата што го предложи Мицкоски

Расправата за донесување на законското решение со кое Владата наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства траеше до 2:30 часот по полноќ

Со двотретинско мнозинство од 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“ Собранието го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада.

Во дискусијата, која во два наврати беше прекинувана со паузи од по еден час, а на барање на пратеникот на Левица, Борислав Кромов, во најголем дел говореа пратениците од сега опозициската СДСМ кои предупредија дека со оваа реорганизација на министерствата не се прави реформа, туку дека таа е политички мотивирана за задолволување на потребите на новата владината коалиција. Како што кажаа, законот се носи без претходна анализа и дебата и со него менува 31 член од актуелниот закон, а не се предвидува колкава ќе биде финансиската импликација од ваквото решение.

Расправата за донесување на законското решение со кое Владата наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства траеше до 2:30 часот по полноќ.

Собранието доцна во ноќта расправа за законот за реорганизација на министерствата – СДСМ и Левица жестоко се против негово донесување

Предлог-законското решение жестоко го критикуваа и пратениците на Левица, Реџеп Исмаил, Борислав Крмов и претседателот на партијата Димитар Апасиев

Пратениците од опозицијата еден по еден излегуваа на говорница критикувајќи го ваковото законско решение и начинот на кој се носи, по скратена постапка, потенцирајќи на крајот од своите обраќања дека ќе гласаат против.

Пратеникот и претседател на СДСМ во оставка, Димитар Ковачевски во неговото обраќање рече дека Законот се носи не за да се зголеми ефикасноста на органите на државната управа, туку поради политички пазар.

„Првото прашање кое се наметнува за законот е практично дали се работи за измени кои се мотивирани од желбата за зголемување на ефикасноста на државната управа или се мотивирани од желбата за политички пазарења за полесно креирање на владина коалиција и коалиција за носење на други закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Јасно е дека се работи за второто. Овој процес е мотивиран единствено за политички пазар и коалицирање“,рече Ковачевски.  Говорејќи во таа насока, тој рече дека во предлог-законот има голем број недостатоци, а се осврна и на тоа што се носи по скратена постапка.

„Ваков сложен и системски закон кој треба да се носи во редовна постапка, со анализа и проценка на ефектите се носи во скратена постапка без соодветните анализи на што веќе укажаа и невладините организации… Дека се работи за решение кое е политички моитивирано говори и фактот што не е прицезирана ниту елементарна методолошка рамка врз основа на која е изработено законското решение“,рече тој.

На иста линија беа говорите и на сите останати пратеници од СДСМ, кои се јавија за збор во расправата која траеше до доцна во ноќта, пред да уследи гласањето по кое претседателот на Собранието, Африм Гаши констатираше дека се донесени измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Фатмир Битиќи, кој претходно го критикуваше предлог-законот при расправата во Комисијата за политички систем во своето обраќање на пленарната седница рече дека „ова е владеењето на правото кое ќе го гледаме во наредните четири години“.

Back to top button
Close