Со африканска свинска чума се заболени само девет свињи, а не 10 илјади – АХВ со демант до Трипуновски
Присуство на вирусот на болеста африканска свинска чума е потврдено на девет заболени животни на едно одгледувалиште и станува збор за изолиран случај. Ова е реакцијата од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по информациите кои денеска од ВМРО-ДПМНЕ ги изнесоа, а каде се вели дека во фарма во село Таринци, Општина Карбинци кај 10 000 грла е регистрирана болеста и дека истите мора веднаш да бидат уништени.
„Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира наводите на Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ кој во видеоизјава, неаргументирано лицитира со бројки тврдејќи дека на фарма во Карбинско Тарици од свинска чума се заболени 10 илјади свињи. Како одговорна институција одговорно тврдиме дека станува збор за изолиран случај на девет заболени животни на едно одгледувалиште кај кои е потврдено присуство на вирусот на болеста африканска свинска чума“,
се вели во реакцијата од АХВ.
Од АХВ велат дека навреме се преземаат мерки за спречување на ширење и ставање од контрола на болеста согласно законските и подзаконските акти и препораките на еминентни светски ветеринарни организации.
„Потврдувањето на жариштето на болеста на фарма во селото Таринци, утврдено е во рамки на пасивниот надзор на болеста африканска чума кај свињите кој го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство. АХВ уште од првиот ден е во интензивни контакти со сите релевантни институции и со локалната самоуправа која има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску можна до жариштето, во која ќе бидат закопани евтаназираните животни“додаваат од АХВ.
Оттаму велат дека сега не е време за политикантство и затоа, како институција, додаваат во соопштението, најодговорно ги демантираме ваквите изјави со кои само се замајува јавноста за печалење на ситни политички поени.
Денеска, претседателот на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски во изјава за медимите, рече дека во фармата „Овчеполска Агриа“ во село Таринци, Општина Карбинци кај 10 000 грла е регистрирана африканска свинска чума и истите мора веднаш да бидат уништени, а според него, под сериозна здравствена закана е целокупната популација на свињи во Република Македонија, односно над 150 000 свињи колку што во моментот изнесува бројната состојба.
„Штетите кои ги предизвика африканската чума во фармата „Агриа“ се речиси над 2,5 милиони евра“рече Трипуновски.
Според него, ситуацијата со африканската чума е пресериозна заради, како што рече тој, неспособноста и некадарноста на министерот Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски.
„Изминатите години сериозно алармирав дека надлежните институции како МЗШВ и АХВ, не ја сфаќаат сериозно ситуацијата со африканската чума и мерките кои ги носеа или беа задоцнети или не го постигаа ефектот. Предлагавме низа на решенија и мерки, но Николовски и Бабовски беа без слух, и затоа денеска ситуацијата со африканската чума е пресериозна. Најбрзорастечката сточарска индустрија во ресорот земјоделие, свињарството, е под закана целосно да згасне, а со тоа да останеме без единствената свежа домашна суровина – свинско месо“,
додаде Трипуновски и побара итна реакција од институциите.Синоќа, пак, жителите на селата Таринци и Нов Караорман и градоначалникот на Општина Карбинци не дозволија да се копа јама за животните кои треба да се уништат. Тие сметаат дека ќе им се загадат подземните води, но и ќе влијае и врз нивното здравје.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, вели дека постапката за уништувањето на свињите е стопирана, бидејќи приватната фирма, но и надлежните институции немале одобренија и анализа дали локацијата одговара за толкава голема гробница. Тој смета дека од институциите пропустот е направен во минатото.
Паунов најави дека ќе го свика Советот на Општина Карбинци и ќе се анкетира месното население за локацијата. Тој вели дека во Карбинци има две локации за закопување на мртви животни, но тие не се соодветни за оваа болест.