Со документ од УЈП, Шилегов ги демантира обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека незаконски се богател
Актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за уште еден мандат, Петре Шилегов, на денешната прес-конференција одговараше на обвинувањата од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за неговите наводни злоупотреби на функцијата, како и за наводни незаконски приходи и зголемување на неговиот имот.
Тој вели дека, по барање на ВМРО-ДПМНЕ, од Управата за јавни приходи (УЈП) добил документ кој потврдува дека неговата имотна состојба е законска и во согласност со пријавените приходи и платените даноци.
„Токму по барање на ВМРО-ДПМНЕ, Управата за јавни приходи (УЈП) издаде документ кој потврдува дека целата моја имотна состојба и се што поседуваме јас и моето семејство е еднаква и соодветствува на пријавените приходи и платени даноци – рече Шилегов.
Тој го цитираше издадениот документ од УЈП, кој според него е решение за запирање на постапка за испитување на имотната состојба.
„Во образложението, меѓу другото, од податоците со кои располага овој орган и презентираните докази од страна на лицето, органот утврди дека имотот на Петре Шилегов и членовите на неговото семејство не е стекнат ниту зголемен како резултат на непријавени и неоданочени приходи. Односно, имотот кој го поседуваат и средствата со кој располагаат потекнуваат од приходи кои биле предмет на оданочување – го цитираше Шилегов документот од УЈП.
Тој рече дека со ова се потврдува дека нема потрошени ниту денар повеќе од она што е пријавено.
„Јас и моето семејство сме спремни на уште 10 вакви постапки против мене и против моето семејството да ги води било која институција во оваа држава. Но, прашањето е дали Мицкоски и Арсовска ќе престанат конечно да лажат. Политиката мора да биде лишена од лаги, затоа што ние политичарите сме тука за луѓето, а не се тие тука за нас – рече Шилегов.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ останала доследна на политиката на измама и злонамерни конструкции.
„Денеска со документи ги демантирам сите прес-конференции на ВМРО-ДПМНЕ и сите зборови искажани на митинзите за тоа како сум ја злоупотребувал мојата функција и како сум имал незаконски приходи – додаде Шилегов.