Со државни пари се финансира здружението на Каракачанов за освестување на „македонските Бугари“

Пет години по ред бугарската влада го финансира здружението „Македонски научен институт“ (МНИ), кое, меѓу другото, во неговите цели е и „расветлување на насилната денационализација на бугарското население во Македонија“.

Како што пишува бугарската редакција на „Слободна Европа“, за овие пет години од парите на даночните обврзници во Бугарија биле издвоени околу 220 илјади евра.

Здружението, пак, е директно поврзано со бугарската политичка партија ВМРО-БНД на актуелниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Во целите на здружението, освен што се наведува дека тие ќе ја расветлуваат насилната денационализација на бугарското население во Македонија, пишува дека ќе го освестува и општественото мислење во земјата и во странство.

„Организацијата има за цел да ги разобличува фалсификатите на историското минато и да го разоткрива карактерот на национално ослободителното движење на Бугарите во Македонија“, се наведува во целите на организацијата, пренесува „Слободна Европа“.

Истражувањето покажува дека „Македонски научен институт“ воопшто не е акредитиран како научен институт, и покрај името.

Здружението почнува да зема државни субвенции во 2016 година, во време кога партијата на Каракачанов станува дел од парламентарната коалиција Патриотски фронт и има потпишано спогодба со партијата ГЕРБ на актуелниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов, во која се наведува дека ја поддржува владата. Тогаш тие немаат официјално свои министри, но според спогодбата се дел од парламентарното мнозинство.

Back to top button
Close