Со електронска алка на нога 100 осуденици ќе можат да ја заменат ќелијата со куќен затвор
Наместо во затворска ќелија, дел од затворениците наскоро ќе добијат можност затворската казна да ја одлежат во домашни услови, односно во домашен затвор. Оваа новина се очекува да стартува на почетокот на следната година, до кога се очекува да бидат оспособени 100 алки, со кои осудениците ќе бидат под 24-часовен електронски надзор.
Овие алки, вкупно 400 на број, кои се ставаат на нозете на осудениците, државата ги има речиси една деценија, набавени со помош од ЕУ, но никогаш до сега не беа ставени во функција. Од неодамна се прават обиди за заживување на системот, поради што Управата за извршување на санкциите, пред неколку дена склучи тендер за оспособување на алките.
„Набавка на услуги за одржување и надградба на информатичка опрема за електронски надзор при извршување на куќен затвор или условен отпуст за потребите на Управата за извршување на санкциите за период од една година“, се наведува во набавката објавена на сајтот на Бирото за јавни набавки.
Набавката е со вредност од 171.500 евра, а фирмата која го добила тендерот, „Друштво за промет на стока и услуги САГА МК ДООЕЛ увоз-извоз Скопје“, е задолжена да оспособи функционирање на 100 алки, што меѓу другото вклучува набавка на батерии и лиценца од Израел.
Директорот на Управата за извршување на сакции, Александар Пандов, за „Фокус“ појаснува дека очекува процедурата да заврши кон крајот на јануари или февруари и наскоро да почне примената на алките.
-Не сакам да давам рокови, но се надевам дека куќниот затвор ќе почне да функционира од почетокот на следната година, ни изјави директорот Пандов.
Планот е првично да профункционираат 100 од вкупно 400 алки, кои се од израелско потекло.
Иако се потребни законски измени за прецизирање на функционирањето на куќниот затвор, сепак е предвидено првите алки да им бидат ставени на осуденици од три категории, за сериозно болни, за постари и осуденички кои се бремени или имаат мали деца.
Откако овие алки ќе се искористат, планот е постепено во употреба да се ставаат и другите.
Алките за издржување на казна куќен затвор со години стоеа во фиока и воопшто не беа ставени во употреба во првата година по нивната набавка во 2015 година, колку што траеше гарантниот рок на производителот. Тие не беа ставени во функција ниту во втората година по купувањето. Кога потоа се покрена иницијатива за нивно ставање во употреба, изговорот беше дека треба да се купат нови батерии кои чинеа многу, особено што беше изминат гарантниот период. Но, Според директорот Пандов, доколку се направи пресметка колку овие затвореници го чинат државниот буџет, за секој ден зад решетки, таа покажува дека поекономична е можноста за куќен затвор, а и далеку похумана.
Алката која во себе има џи-пи-ес (GPS) предавател, заедно со друга опрема и пробациската служба, треба да гарантираат дека осуденото лице не го напушта домот и дека алката постојано е на него.