Со електронски алки на нозете 10 осуденици ,,лежат” во куќен затвор
Наместо зад затворски решетки, 10 осуденици затворската казна ја издржуваат во својот дом. Со електронска алка на ногата, тие не смеат да го напуштат своето живеалиште, туку мора да останат во својот куќен затвор, со месеци, па и години, во зависност од досудената казна.

-Управата за извршување на санкциите започна со извршување на десеттата судска одлука согласно која опремата за електронски надзор има своја примена. До сега донесени се четири Пресуди за куќен затвор, од кои една од Основниот суд Велес и три од Основниот суд Прилеп, како и шест Решенија за замена на казната затвор со куќен затвор донесени од Основните судови Струга, Охрид и Кичево, велат од Управата за извршување на санкции.
Оваа новина започна со примена од крајот на минатата година, а доколку електронскиот уред се активира поради одалечување на осуденикот од домот, веднаш се известуваат службите.-Во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и определените ограничувања пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација.
Месно надлежните пробациски канцеларии се во постојана координација со надлежните институции во врска со извршување на мерките, а Одделението за електронски надзор 24/7 го следи извршувањето со помош на опремата за електронски надзор, велат од Управата, од каде што додаваат дека остануваат посветени на унапредувањето на пробацијата во Македонија.






