Со фотоволтаици на хидросистемот „Ѓавато“ ќе се штеди на струја – сега се санираат цевките и пумпите
Поправка и замена на пукнатите цевки на хидросистемот „Ѓавато“, преку кој се врши полнење со вода на Дојранското Езеро, ставање во функција на сите пумпи, како и заштеда на електрична енергија со поставување на фотоволтаици, најавија денеска надлежните од Дојран.
– Пристапуваме кон системско санирање на хидросистемот „Ѓавато“ и тој во најскоро време ќе биде целосно оперативен и функционален – уверува премиерот Христијан Мицкоски по денешниот увид во градежните активности за санација на хидросистемот.
Најпрво ќе се прави дијагностика, а потоа ќе се постапува според резултатите.
– Детектирани се места каде има пукнати цевки кои треба да ја донесат водата до базенот од каде со други пумпи водата ќе биде однесена во Дојранското Езеро – изјави Мицкоски и додаде дека три четири години хидросистемот функционирал со расипан цевковод.
Порача дека во најскоро време ќе бидат санирани овие дефекти благодарение на општествено одговорна компанија и додаде дека очекува тоа да се случи во наредните неколку дена со што ќе се зголеми капацитетот на вода која ќе доаѓа до резервоарот од каде со други пумпи ќе биде пренасочена кон езерото.
Во моментов, прецизира, работат две бунарски потопни пумпи со капацитет од по 100 литри во секунда од вкупно десет со вкупен капацитет од 1.000 литри во секунда.
-Во периодот што следи планираме да оспособиме најмалку четири пумпи, а потоа уште дополнителни две со што цениме дека ќе ги задоволиме потребите за во најскоро време Дојранското Езеро да го добие изгледот кој што заслужува да го добие за да го користат сите граѓани, посочи Мицкоси.
Од хидроситемот, како што кажа, корист ќе имаат и земјоделците кои ќе можат да ги наводнуваат своите посеви, како и Богданци кој во летниот период се снабдува со вода од овој хидросистем.
Најави дека ќе се санираат и потисните пумпи кои ја туркаат водата кон Дојранското Езеро.
-На следната седница на Влада ќе донесеме одлука Фабриката за опрема и делови во склоп на РЕК Битола две од потисните пумпи да демонтира, да ги санира и повторно да ги врати и монтира. Добив инфрамација од инженерите дека за десет дена можат да ги демонтираат, санираат и повторно да ги монтираат. На ова земјиште, кое е во државна споственост, во догледно време ќе бидат инсталирани соларни панели, бидејќи сметките за електрична енергија се 2,5 милиони евра годишно. Со инсталирање на сончеви панели со инсталирана моќност од околу два мегавата и батериски системи од четири мегават часа сметките драматично ќе се намалат, а средствата што ќе бидат заштедени ќе се користат за одржување на цевководот и хидросистемот Ѓавато – нагласи Мицкоски.
Хидросистемот „Ѓавото“ не работи речиси четири години. Беше исклучен од функција во екот на енергетската криза, бидејќи стасале сметки за електрична енергија во висина од околу 300 илјади евра за еден месец. Тогашната министерка за животна средина Каја Шукова уверуваше дека ќе се пушти кога ќе има реална потреба за езерото, но пред тоа ќе мора да се санираат проблематичните места.
Хидросистемот не е обновуван од изградбата, цели 22 години. Почна да работи во 2002 година за спас на Дојранското Езеро, но низ годините вработените апелираа за нередовно одржување и кражба на делови од системот. Исто така, еден од најголемите проблеми се и диви приклучоци преку кои се испумпуваат големи количества вода кои наместо во езерото завршуваат во ниви, пазени и оранжерии.