Со гаранција од 600.000 евра, струшкиот наркобос излегол од притвор
Валмир Етеми е обвинетиот организатор на криминална група за трговија со дрога и оружје во охридско – струшкиот регион. Тој бил во бегство и потоа екстрадиран, но излегол од притвор откако скопска апелација му ја прифатила жалбата и понудената гаранција од над 600 илјади евра, известуваат од Телма.
Минатата година, на крајот од јануари, албанските медиуми објавија дека 32 годишниот Етеми од Струга, баран преку Интерпол од Македонија, бил приведен на аеродромот Ринас во Тирана. Тој бил упатен кон Базел, Швајцарија.
По ова следувала и екстрадиција, како и обвинение и судење, а тој бил сместен во притвор уште од мај. Но, во петокот попладне второстепениот суд му го укинал притворот.
Од скопскиот Апелационен суд велат дека гаранцијата која ја прифатиле од обвинетиот е хипотека во недвижен имот вреден над 600 илјади евра, а дополнително му определиле и мерки на претпазливост – редовно јавување на суд и одземање на патна исправа.
Од судот најавија повеќе информации утре бидејќи денес е неработен ден. Останува да одговорот зошто дозволиле екстрадираниот бегалец кој сега е обвинет за организатор на криминал, да се брани од слобода.
Обвинителството за гонење организиран криминал вчера ја сподели информацијата со медиумите. Тие велат дека дале негативно мислење обвинетиот да биде пуштен и дека навеле повеќе аргументи.