Со измените во Кривичниот законик и Димовски и Талевска куртулија од „Продуцент“
Судот донесе решение со кое ја запре постапката за кривично гонење за случајот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска. Со измените на Кривичниот законик, случајот „Продуцент“ се смета за застарен.
Коалицијата „Сите за правично судење“ објави дека на 17.10.2023 година било закажано рочиште за предметот „Продуцент“.

„На рочиштето Јавното обвинителство предложи судот да донесе решение за запирање на кривичната постапка поради измените на Кривичниот законик. Судот донесе решение со кое ја запре постапката поради настапување апсолутна застареност на кривичното гонење – соопштуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Истрагата за случајот „Продуцент“ беше отворена уште од СЈО, а потоа беше во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, беше обвинет за делото злоупотребата на службената положба и овластувања, а новинарката Ивона Талевска за помагање во истото дело, а во врска со склучување договор од околу 50 000 евра, без јавна набавка, од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со „Смарт центар“ за изработка на телевизиски прилози кои беа емитувани во емисијата „Боја на парите“ на ТВ Сител во 2009-2010 г., чиј водител беше Талевска.
Димовски и Талевска минатата година во мaj седнаа на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд Скопје каде што започна судскиот процес во случајот „Продуцент“, предмет за кој истрагата беше отворена уште од СЈО, а сега е во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.