Со изведување материјални докази денеска треба да продолжи судењето за убиствата на Вања и Панче

Со изведување материјални докази денеска во Основниот кривичен Скопје треба да продолжи судскиот процес за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

На обвинителна клупа за грозомоните убиства се наоаѓаат пет лица, Љупчо Палевски-Палчо, Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски кои како соизвршители се товарат за по две кривични дела грабнување и убиство, како и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој е обвинет за помагање.

 

Последното рочиште од судскиот процес се одржа пред точно еден месец, односно на 20 декември, лани, кога исто така се изведуваа материјални докази. Нив ги презентираа обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска и нејзината помошничка, а она што можеше да се слушне во судницата беа мачни и морничави наоди, кои се обезбедени во текот на истражната постапка.

 

Обвинителката, наведувајќи ги по број и кратко образложувајќи дел од нив, презентираше околу 180 материјални докази од вкупно 197. Остатокот треба да бидат изведени на денешното рочиште.

Она што беше презентирано на рочиштето на 20 декември се однесуваше на локациите каде што биле најдени жртвите, наодите од увидите на истражните органи, најдените траги, обдукциските наоди, психијатриските вештачења и дел од телефонската комуникација на обвинетите и локацијата на нивните телефони во критичните денови. Дел од материјалните докази на Обвинителството што досега беа изведени посочуваат дека и Вања и Панче биле усмртени со куршуми со ист калибар од 9 милиметри.

Во близина на дупката каде што било најдено телото на Жежовски кај Велес била најдена чаура од куршум со овој калибар за кој вештачењето покажало дека е произведен од „Сувенир” во 2002 година. Кај Вања при обдукцијата бил најден проектил со калибар од 9 милиметри.

На изведувањето на овие докази приговараше првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, кој кажа дека доказите не укажуваат дека има негови папиларни линии, односно отпечатоци од прсти.

На ова судијата Ивица Стефановски, кој во води судскиот процес кажа: „Ако има папиларни линии од вас, сигурно ќе бидат истакнати”. Од друга страна, од направените вештачења во текот на истрагата било утврдено дека во возилото „рено кангу“, кое покрај „ситроенот“ на Жежовски, било користено дента кога била грабната и убиена Вања, биле пронајдени траги од обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. На догорчињата од цигари биле најдени траги од Кешишов и Боре Видевски, а имало траги и на пластично шише со вода.

Еден од доказите што беше изведен се однесуваше на анализа на ДНК-траги од самолепливата лента која била на устата на девојчето. Анализата утврдила дека на неа има мешани траги од ДНК, од кои едните се на девојчето, а другите, со голема веројатност, како што кажа обвинителката, одговараат на обвинетиот Велибор Манев.

Беа изведени докази и во врска со коминикацијата меѓу обвинетите. Анализата на телефонските броеви покажала дека нема директна комуникација меѓу Палевски и обвинетиот Александар Ѓорчевски. Таа најави дека наодите за комуникацијата и заклучокот ќе ги образложи во завршните зборови од постапката.

Според адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој му е бранител на Ѓорчевски, презентираните матријални докази докажуваат дека неговиот клиент постапувал исклучиво по напатствијата на полициските службеници со кои разменувал видеоматеријали и имал комуникација во таа насока.

Психијатриското вештачење на обвинетите, како што беше кажано на минатото рочиште, покажало дека тие во секој момент од дејствијата биле пресметливи.

Во однос на жртвите Вања и Панче, повикувајќи се на психијатриските наоди, обвинителата кажа дека:

„Двете жртви претрпеле тешко психичко страдање со силен интензитет”.

Инаку, за време на изведувањето на доказите, со приговори и забелешки на најголем дел од нив реагираше Палевски или неговите адвокати.

Првообвинетиот Палевски, пред крајот на минатото рочиште побара изземање на судијата Ивица Стефановски, а како причина го наведе тоа што претседателот на судечкиот совет одбива да издаде наредба за прибирање одредени податоци од Секторот за внатрешни работи Велес, а кои, како што кажа, одбраната ги бара за потребите на постапката. Судијата Стефановски го нотираше барањето за негово изземање, а за кое одлука треба да донесе претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.

Тој освен за судијата имаше забелешки и за однесувањето на Основното јавно обвинителство Скопје и Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје и обвини дека постои спрега меѓу овие три институции за монтирање на случајот.

Инаку, судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и и Панче Жежовски почна на 20 септември. На ова рочиште, по воведните зборови на Обвинителствотот, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

На следните рочишта судскиот процес продоложи со искази на сведоци на Обвинителството, меѓу кои беа и оние на мајката на Вања, на роднини и пријатели на двете жртви, како и на полициски службеници кои ја воделе и учествувале во истрагата.

Од сведоците на Обвинителството, изостана сведочењето на Гоце Трајковски, кој заедно со Александар Ѓорчевски воделе своја, паралелна истрага. Трајковски требаше да сведочи на 15 ноември, но дента не се појави во судницата, а објаснувањето беше дека имал паничен напад и висок крвен притисок. Сепак, како што открија од Основното јавно обвинителство Скопје еден месец подоцна, Трајковски е осомничен за палење на угостителски објект во скопската населба Кисела Вода и се наоѓа во бегство. Инаку, Трајковски е син на поранешната директорка на „Фершпед“, Кираца Трајковска, која на 15 декември сведочеше во Судот во рамките на истиот предмет. Трајковска пред судот тогаш кажа дека нејзиното семејство е во стара кумовска врска со семејството на Александар Ѓорчевски и затоа побарала од нејзиниот син да помогне во потрагата по девојчето.

Гоце Трајковски кој требаше да сведочи за убиството на Вања и Панче е во бегство – осомничен е за палење на кафуле

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес неколку дена подоцна, односно на 3 декември 2023 година.

Во врска со овој случај е осомничено уште едно лице за помагање по извршување на кривичното дело против кого постапката ќе се води одвоено.

Back to top button
Close