Со кого е Орце – со Вучиќ или со студентите и ЕГЗИТ?

Ѓорѓиевски ќе го носел Егзит во Скопје, четири години откако претходната власт го донесе во Струмица. Оваа вест го издоминира вчерашното празнично попладне и ги отвори дилемите дали Орце со овој потег ја напушта поддршката кон Вучиќ и дали воопшто е запознаен за тоа дека фестивалот се сели од Србија поради притисоците од власта.

ВМРО-ДПМНЕ со години интензивно се позиционира како структура која е политички и идеолошки блиска до српскиот претседател Александар Вучиќ и актуелната власт во Белград, воопшто не негирајќи ги коментарите за сѐ посилното инсталирање на т.н. српски свет во Македонија, под команда на српскиот претседател.

Од друга страна, EXIT, по повеќе од две децении во Нови Сад, ја најави својата последна изведба во Србија во 2025 година. Како причина за заминувањето, организаторите ги наведоа политичките притисоци и укинувањето на државната поддршка, откако јавно застанаа зад студентските протести против власта.

Душан Ковачевиќ, основач и директор на EXIT, отворено ја критикуваше политичката клима во Србија:

„Ова е најтешката одлука во нашата 25-годишна историја, но веруваме дека слободата нема цена. Со овој чин не го браниме само EXIT, туку и основното право на слободен израз.“

Тој дополнително ја нагласи и политичката димензија на заминувањето:

„Тие се обидуваат да владеат преку страв. Тоа не е патот по кој треба да се оди, особено во земја со ваква политичка историја каква што има Србија.“

Овие изјави покажуваат јасна дистанца на EXIT од власта во Белград. Во таа смисла, отвораат и легитимно прашање: дали Орце Ѓорѓиевски навистина ја поддржува борбата за културна и политичка автономија што ја застапува EXIT, или пак неговиот потег е исклучиво политички маркетинг?

Во суштина, Ѓорѓиевски со овој потег влегува во речиси невозможна мисија – блискост со режимот на Вучиќ и истовремено најава за соработка со EXIT, фестивал кој отворено го напушта тој режим. Двојните аршини во оваа ситуација се повеќе од очигледни и оставаат простор за дилеми околу тоа со кого всушност е Ѓорѓиевски и за каков политичар станува збор?

Back to top button
Close