Со линеарното покачување на пензиите, власта прави штета на пензионерите – реагираат од СДСМ
Со најновата одлука за линеарно зголемување на пензиите за 1 000 денари, владата им нанесува директна штета на над 318 000 пензионери, реагираат од опозициската СДСМ кои денеска во соопштение, ја презентираа својата пресметка за последиците од овој модел.
„Пензионерите не само што се оштетени сега, туку и идното усогласување во март 2026 ќе се врши на пониска основица, што значи дека и тогаш ќе добијат помалку од заслуженото“ велат од партијата.
Според постојниот Закон за пензии, усогласувањето треба да се врши двапати годишно, во март и септември, но и да се базира на растот на платите и животните трошоци. Ако не се промени законот, велат од опозицијата, пензиите во септември ќе се зголемат за околу пет отсто.
„Тоа значи дека за пензија од 25 000 денари зголемувањето ќе беше 1 250 денари, а сега се добива само 1 000. Кај повисоките пензии штетата е уште поголема. На пример, за пензија од 40 000 денари, наместо 2 000 денари, пензионерите ќе добијат двојно помалку“ реагираат од СДСМ.
Од вкупниот број пензионери, според нивната анализа, дури 92,5 отсто ќе земаат помалку пари од тоа што би добиле со редовно усогласување. Само 7,5 отсто ќе имаат минимална корист.
„Со ваквото линеарно зголемување се нарушува принципот на правичност – секој да добива според својот придонес. Ова е не само нечесно, туку и штетно за пензискиот фонд, кој веќе се соочува со дефицит над 47 проценти и сооднос од само 1,6 вработени на еден пензионер – најлош досега“заклучуваат оттаму.
Тие побараа од Владата веднаш да го повлече предложениот модел и пензионерите да добијат зголемување согласно важечкиот закон и нивниот реален придонес во системот