Со мерките за претпазливост на судот, Незири и уште еден напаѓач ќе може да одат на работа во М-нав  

Беким Незири и уште еден вработен во М-НАВ, кои беа меѓу осумтемина што учествуваа во упадот во Контролната кула на Скопскиот аеродром при што беше натепан контролор на летање на работното место, повторно ќе може да се вратат на работа во М-НАВ. Ова им го овозможуваат мерките за претпазливост што наместо притвор, како што бараше Обвинителството, им ги изрече судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје, пишува СДК.

Незири, кој е претседател на чаирскиот огранок на владејачката ДУИ, заедно со 3 лица синоќа од судот добија само мерки за претпазливост. Тие се сомничени за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од Кривичниот законик, кривично дело кое се казнува со најмалку 5 години затвор. Според мерките, им се определува: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот како и меѓусебна комуникација.

Од Основниот кривичен суд Скопје за СДК потврдија дека мерката Забрана за напуштање на живеалиштето односно Скопје, значи дека Незири и колегата ќе може да одат на работа во М-НАВ во Петровец, бидејќи и тоа е Скопје.

Повеќе

Back to top button
Close