Со недели паѓа снег во Јапонија: Најмалку 35 мртви, повеќето починале од повреди при расчистување на снегот

Со недели паѓа снег во Јапонија, а обилните снежни врнежи однесоа најмалку 35 животи, соопштија владини претставници. Речиси 400 лица се повредени, од кои 126 сериозно, а властите предупредуваат дека за време на викендот се очекува уште полошо време, објави Скај њуз.

Повреди се пријавени главно во северните и централните региони на земјата, а повеќе од десетина згради се оштетени. Снежните врнежи од снег зафатија 15 префектури, а се проценува дека снежната покривка е длабока до два метра во некои области. Специјални оперативни сили се испратени во најтешко погодените области.

Поголемиот дел од смртните случаи и повредите низ целата земја се предизвикани од паѓања додека луѓето се обидувале да го расчистат снегот околу своите домови. Пријавени се и случаи на ненадејни срцеви удари. Во градот Уонума, во префектурата Ниигата позната по одгледувањето ориз, маж во 50-тите години бил пронајден колабиран на покривот од својата куќа. Во градот Нагаока, се верува дека маж на околу 70 години починал откако паднал од покривот на куќа.

„Кога чистите снег, носете кацига или користете безбедносно јаже“

Времето станува потопло, но официјалните лица предупредија дека топењето на снегот може да предизвика лизгање на земјиштето.

„Ве молам да обрнете посебно внимание на вашата сопствена безбедност. Носете кацига или користете безбедносно јаже, особено додека чистите снег“, изјави главниот секретар на кабинетот Минору Кихара за новинарите.

Причината за толку обилни снежни врнежи не е јасна, но смртните случаи и несреќите поврзани со снегот не се невообичаени во Јапонија. Според податоците од Јапонската агенција за управување со пожари и катастрофи, 68 лица загинале во текот на шесте зимски месеци минатата година

Back to top button
Close