Со низа содржини, под мотото: „Културата расте со децата“, општина Охрид, го збогатува традиционалното Охридско културно лето

Локалната самоуправа на градот Охрид, најмладите од општината, но и сите деца и млади кои ќе престојуваат летово во македонскиот туристички бисер, ќе ги пресретне со нова иницијатива -„ЗА СИТЕ ДЕЦА“ и со богата понуда културно – забавни содржини.

Под мотото: „Културата расте со децата“, општина Охрид, го збогатува традиционалното Охридско културно лето, во месеците јуни, јули, август, септември и октомври.

На различни локации,  на атрактивни отворени сцени, почнувајќи од 21-ви јуни, секој петок, се до 6-ти октомври  годинава, на манифестацијата “Неделата на детето”, ќе се реализираат низа културно-забавни настани и активности.

Првично е најавено дека приоритет се децата до 12 години, но, од богата и атрактивна понуда, може да се види дека интересот нема да изостане и кај постарите.

На отворените сцени: Долни Сарај, плоштадот „Крушевска Република“, плоштадот  „Вангел Наумовски“ (локација за охриѓани попозната како Мини маркет), потоа, во Лапидариумот кај Куќата на Робевци, на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ и други јавни површини во градот,  ќе бидат изведени детските театарски претстави: „Цветко и градината“, „Разгалениот принц“, „Младиот чорбаџија“, „Дизајнерот Далматинко“ и „Црвенкапа“.

Сите претстави се во изведба на „Театар Хит“ од Скопје, додека најмладите,  преку омилените детски ликови, ќе имаат можност  да другаруваат со нашите познати актери Магдалена Ризова Черних, Сашо Ристовски, Ема Давчева и Бранко Атанасов.

Преку, специфичниот, детски театар на отворено и интерактивните театарски претстави, ќе бидат упатени универзалните пораки , не само за децата,  туку и за возрасните.

Основните се:  да  ги сакаме и почитуваме другарчињата , да ги слушаме родителите, да се грижиме светот да стане убаво место за живеење, да се грижиме за чиста и здрава животна средина и да  градиме здрави животни навики преку здрава исхрана и слично.

Исто така, најмладата публика во Охрид, ќе има можност да биде дел од сликарската школа „Пробај уметност“, да се дружат со младите поети од Балканскиот поетски камп за деца и млади„ Ванчо Николески“, како и со омилените ликови од детската емисија „Малите ѕвездичи со КА-2“.

Исто така, ќе ја проследат и  детската балетска претстава „Барби“ од охридското,  детско,  балетско, „Наталис студио“.

Како дел од програмата, ќе се одржи и првиот танцов фестивал „Охрид танцуваТ“, организиран од танцовиот клуб „Соната“.

Најмладите, кои се заинтересирани за танц, ќе бидат анимирани преку „Флеш-моб“ и едукативни танцови работилници.

Преку книжевните средби со писателите за деца, Билјана Црвенкоска и Горјан Петрески, децата,  ќе имаат можност да се запознаат со ликовите на „Биби и Боби“.

На располагање им стојат, голем број познати сликовници и сказни од истоимената едиција за деца, како и низа други книжевни дела од овие автори.

Богатата програма, го содржи и прикажувањето  на филмовите за деца:  „Луси гангстерката – релис“ и „Малиот Винету и изгубените биволи“, синхронизирани на македонски јазик.

Исто така планирано е да бидат прикажани и приказните: „Модерна бајка“ и „Ќерките на Фроса“ кои се снимени во Охрид од детското драмско студио „Цвет 75“ од Охрид.

Најмладите, ќе може да уживаат и во веселите композиции на детските фестивали: „Поточиња’“, „Распеано рибарче“, „Радика Фест“ и „Весели Ѕвончиња“,

Вистинска атракција за публиката, ќе биде мјузиклот „Црвенкапа“ во изведба на „Балада Продукција“

Организаторите од општина Охрид, презедоа обврска,  секој понеделник, да ја најавуват петочната детска содржина, местото и времето на одржување на настанот.

За сето ова,  биде достапно до поширок круг заинтересирани, најавија дека сите настани ќе бидат бесплатни за публиката.(Крај)

Веле Митаноски

 

Back to top button
Close