Со нож избоде мајка и четири деца, па избега – полицијата го бара

Германската полиција бара млад маж (20) кој со нож нападна мајка и нејзините четири деца. Мајката и едното дете се во критична состојба, мотивот на нападот е непознат.

Германската полиција интензивно бара осомничен маж кој, според досегашните информации, нападнал мајка и нејзините четири деца на возраст од три до осум години со нож во раните утрински часови во саботата. Мајка и едно дете се во исклучително тешка, критична состојба, додека напаѓачот избегал по злосторството и моментално е во бегство.

Како што објавува весникот „Билд“, крвавиот напад се случи во саботата околу 5:30 часот наутро во градот Беркамен. Според локалното јавно обвинителство, инцидентот се случи во станот каде што мајката живее со своите деца со години.

Полицијата објави фотографија од осомничениот и ги повика граѓаните да бидат внимателни. Станува збор за млад човек на возраст од околу 20 години, за кој, според неофицијални информации, се сомнева дека бил познаник на мајката. Истражните органи наведуваат дека младиот човек, како што се претпоставува, ја поминал ноќта во семејниот стан, по што, без никакво предупредување, нападнал.

Соседите за „Билд“ изјавиле дека жената живеела сама со своите деца повеќе од четири години во стан на седмиот кат од станбена зграда. Според нив, ништо не укажувало дека може да се случи таков насилен чин.

Веднаш по пријавата, на местото на настанот дошле бројни полициски патроли, пожарникари и екипи за итни случаи. Полицијата го опколила поширокото подрачје околу станбениот комплекс, додека хеликоптер со часови кружел над зградата во обид да го лоцира осомничениот.

Според описот објавен од полицијата, осомничениот е висок околу 1,85 метри, има витка градба, има брада, а во моментот на бегството носел бела капа, очила и темна облека.

Јавното обвинителство во Дортмунд досега не даде дополнителни детали за случајот, ниту пак ги објави можните мотиви за нападот. Форензичката единица престојуваше во станот на семејството во пладневните часови, каде што беа собрани траги.

Мајката и нејзините четири деца беа однесени во неколку болници во областа. Според „Билд“, полицијата ги обезбедува болниците каде што се наоѓаат жртвите, како мерка на претпазливост, во случај осомничениот да се обиде да се врати или да воспостави контакт.

Мотивот за овој брутален напад засега останува целосно непознат.

Извор: fokus.mk

Back to top button
Close