Со парите од капитацијата егзистира ординацијата, вели Дервишова-Чолакова по објавите дека добила 3 600 евра

Нека објават и за лекарите од помалите места, на пример, има матичен во Виница кој зема капитација од само 57 000 денари, вели претседателката на здружението на приватни лекари откако во јавноста излегоа информации дека таа земала 3 600 евра капитација

Ништо не криеме, тоа не е плата туку средства со кои егзистира ординацијата, вели претседателката на Здружението на приватни лекари, докторката Лилјана Чолакова-Дервишова, откако во дел од онлајн медиумите излегоа објави со документи дека таа во февруари годинава зела околу 3 600 евра за капитација.

Зголемување на капитацијата што ја земаат матичните лекари беше едно од барањата на матичните лекари на денешниот протест, на кој една од предводничките беше и Чолакова-Дервишова, а по објавата за сумата која таа ја зела, во разговор со „360 степени“ докторката тврди дека со тие пари покрива и други трошоци.

Парите, вели Чолакова-Дервишова, кои таа и другата лекарка ги земаат од капитација се користат и за нивните и за платите на две медицински сестри кои се движат од 24 до 40 000 денари, како и за плаќање чистачка, книговодителка, сметки, одржување на опремата, купување потрошен материјал како ампули, полнење боци со кислород итн.

„Ова е борба за сите лекари, нека објават и за лекарите од помалите места, на пример, лекар во Виница зема капитација од само 57 000 денари. Не е коректно од Фондот да излегуваат вакви податоци“, вели Чолакова-Дервишова.

Во однос на обвинувањата дека можеби има политички мотиви зад протестот поради нејзините релации со ВМРО-ДПМНЕ, таа отфрла каква било политичка заднина.

„Се оградувам од секакви политички влијанија. Денеска на протестот дојдоа доктори и медицински сестри од Цела Македонија кои немаат врска со политика“,

вели Чолакова-Дервишова која најавува и тужба за објавувањето на документот од кој се гледа сумата што ја зела за капитација.

На денешниот протест, лекарите покрај зголемување на капитацискиот бод, побараа и промена на начинот на препишување лекови за хронично болните пациенти, воведување нови лекови, како и нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство и на лабораториите

На протестот денеска дојде и министерот за здравство Беким Сали, кој изјави тој е легитимен, но не е навремен, а со проблемите на примарното здравство рече дека е добро запознаен.

„Сите претставници на здруженијата знаат дека работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита. Денешниот ден е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање“,рече Сали.

Тој додаде дека засега работат на три можни модели за промена на начинот на кој се исплаќаат матичните лекари.

Back to top button
Close