Со победата над Фарски Острови, Македонија обезбеди билет за Светското првенство во ракомет

Македонските ракометари успеаа да ја анулираат предноста на Фарски Острови од првиот меч кој го загубија со седум голови разлика и со денешната победа успеаа да се пласираат на Светското првенство кое ќе се одржи следната година во Хрватска, Данска и Норвешка

Во полната сала „Борис Трајковски“ во Скопје, ракометната селекција на Македонија успеа да ги победи Фарските Острови со осум голови разлика или преточено во финален резултат 34-26, со што обезбедија билет за претстојното светско првенство кое ќе се одржи следната година во Хрватска, Данска и Норвешка.

Нашата селекција успеа да ја анулира предноста која Фараните ја имаа од првиот натпревар кој се одигра пред неколку дена на кој тие славеа со резултат 34-27. Натпреварот беше ефикасен на двете страни од теренот, па на крајот на првиот дел, Македонија замина со предност од четири погодоци.

Поцврстата игра во одбрана, како и ефикасноста на нападот донесоа предност од седум погодоци на средина на вториот дел, а со смирена игра, момците предводени од селекторот Кирил Лазаров рутински го затворија натпреварот и обезбедија место на Светското првенство.

Нашата селекција го продолжи континуитетот кога станува збор за настапи на големите натпреварувања, квалификувајќи се на сите европски и светски првенства од 2012 година па наваму

Back to top button
Close