Со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатирам – вели Филипче по повикот на Димитриевски за дуел
Со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатирам – порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче, од вечерашниот митинг во Прилеп откако неговиот поранешен сопартиец, лидерот на Движењето За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, го повика на ТВ-дуел.

„Слушам, Максим Димитриевски – пионот на Мицкоски – барал дуел со мене. Јас со предавници на социјалдемократската идеја и подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ не дебатирам. Дали Максим се плаши дека е пуштен низ вода откако еднократно го искористија? Или стравот е дека е разоткриен од граѓаните дека ги излажа на претходните избори? И треба да му биде страв зашто секој кој решил да ги предаде идеалите за функција не опстанал. Сфати Максим дека луѓето полека се враќаат во СДСМ и бегаат од него, па лаже дека некој им прави притисок. Сфатија дека човекот кој ветуваше правда и вистинска социјалдемократска политика – лажел“,
изјави Филипче.Во обраќањето пред прилепчани, претседателот на СДСМ обвини дека откако се на власт, лидерот на ЗНАМ и неговите блиски соработници заборавиле што ветиле пред изборите, а по сите афери, како што рече, Димитриевски треба да се подготвува единствено за дуел со правдата.
„Се сместија тој и неколкумина околу него удобно во Владата и заборавија што ветуваа. Шуруваат со ДУИ, прават криминал во Куманово, а ветувањата за правда испарија. Затоа граѓаните ќе ги казнат на овие избори. Еден совет – после сите афери, сомнежи за станови и парцели, Максим треба да се спреми за дуел единствено со правдата, судството и обвинителството“,додаде Филипче.
Претходно денеска, претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, го обвини раководството на СДСМ и лидерот Венко Филипче дека се закануваат на членови и поддржувачи на неговата партија, упатувајќи им предупредувања, притисоци и повици за разговори. Рече дека пред една недела го повикал лидерот на СДСМ на ТВ-дуел, на кој Филипче не се одѕвал, а сега одново го повика на дуел за соочување на аргументите пред народот.