Со продолжен притвор, Мухамед Зекири на лекување во Инфективната клиника, наместо во арестантското одделение

Од скопскиот затвор во Шутка за Телма потврдија дека вчера напладне притвореникот Мухамед Зекири е префрлен на Инфективната клиника во Скопје. Судот одобрил трансфер на Зекири поради сомнежи за евентуално труење.

Од затворот одговорија дека барањето за трансфер во болница е упатено до судот уште минатата недела, но било одговорено и одобрено вчера. Нема објаснување зошто Зекири не е префрлен во арестантското одделение наменето за притвореници и осуденици туку е однесен на Инфективната клиника.

Од кривичниот суд ни одговорија дека по добиено барање и известие за влошена здравствена состојба од надлежните служби во Затвор Скопје во најбрз можен рок е одобрено лекување на притворениот во соодветна медицинска установа.

Инаку на Зекири денеска му е продолжен притворот на уште дополнителни 30 дена односно трет пат. Зекири како поранешен генерален секретар на владата е соомничен дека извршил злоупотреба со исплата на средства за кампања на хрватска фирма во зделка договорена без тендер.

Back to top button
Close