Со проектот „Сега“ отворен македонскиот павилјон на Биеналето во Венеција
Со претставување на проектот „Сега“ на Бирото за проектирање – БИНА во палатата „Зорци“, седиште на УНЕСКО во Венеција, денеска официјално е отворен македонскиот павилјон на 17. Биенале на архитектура во Венеција.
Куратори на проектот се архитектот Бекир Адеми и универзитетскиот професор Јордан Шишовски, а покровител на изложбата е Министерството за култура.
Проектот „Сега” ја зема предвид состојбата на итност за промени во општеството и открива два аспекта на просторно-временското суштествување – потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Концептот е дрвена композиција составена од дрвени елементи меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура, архетипизирана рамка, асоцијација на куќа, дом и засолниште.
По повод отварањето на павилјонот, со видео порака се обрати министерката за култура Ирена Стефоска која порача дека македонските уметници ја имаат целосно нејзината поддршка и им посака проектот да привлече големо внимание.
– Погледот на креативниот свет во моментов е насочен токму кон Венеција. Македонскиот павилјон го краси вашата визија која, повторно ќе речам, убедена сум дека го дава одговорот на тематското прашање на ова биенале: „Како ќе живееме заедно?, рече Стефоска.
На отворањето на македонскиот павилјон се обрати и Матео Росати, претставник на Регионалната канцеларија на УНЕСКО во Венеција, кој посочи дека не е првпат канцеларијата на УНЕСКО да биде домаќин на националниот павилјон на Северна Македонија во рамки на Биеналето во Венеција и нагласи дека годинашната изложба е првиот голем меѓународен културен настан повторно отворен за време на пандемијата.
Комесарот на проектот, Дита Старова-Ќерими го оцени денешниот настан како ретка можност за достоинствено претставување на земјава на една од најпрестижните манифестации која традиционално се одржува во Венеција.
– И покрај светската пандемија која на глобално ниво ни донесе многу општествени промени, истрајноста не охрабри и донесе да покажеме дека имаме проект кој коренспондира на прашањето „Како ќе живееме заедно”, истакна Ставрова-Ќерими.
До крајот на ноември, архитекти и ентузијасти од целиот свет во Венеција ќе ги претстават своите дела. 17-то Венециско биенале на архитектурата се случува со одложување од една година, заради поместувањата кои ги предизвика Ковид-19. Организацијата на традиционалните локации Џардини, Арсенале и останатите локации низ Венеција е на највисоко ниво и според КОВИД 19 протоколите, а посетителите со во значително намален број. Годинава, Биеналето вклучува 112 учесници од 46 земји, со делегации од Африка, Латинска Америка и Азија и со широко женско претставување. Македонија во континуитет од 2004 година се претставува на оваа најпрестижна манифестација.