Со резолуција или со мудрост кон Бугарија

 

Да одговориме ли патриотски на декларацијата на Бугарија со наша декларација или да одговориме со мудрост. Патриотскиот став е секогаш исплатлив зашто не носи личен ризик за политичарот неговата партија или за интелектуалецот. Секогаш е популарен во народот. Никој не одговараше за непромислената „патриотска“ авантура наречена „антиквизација“, нашата најцрвена од сите црвени линии, која го закочи процесот на барање решение и ја  крена цената на компромисот со Грција до небо. Напротив. Тие што ја кренаа цената до небо тврдат денес дека со Преспанскиот договор сме платиле превисока цена.И во право се за цената, но не и кој е главниот виновник за превисоката сметка. И, ете, видовме: иако во идеалниот свет, еден народ не може на друг да му наметнува име, во реалниот, гледаме, може. А загубените три децении заради неразбирање на реалниот свет на меѓунродната политика?

И во случајот со Бугарија, мудро би било со црвени линии да не се ограничи веќе стеснетиот маневарскиот простор за дипломатски решенија толку потребни за нашата држава.Имено, како што веќе констатираа умерените луѓе кај соседот,кои, за бугарската државна политика, употребија метафора на зајак кој влегол во дупка, дипломатскиот простор е доволно затворен со Декларацијата на бугарскио парламент и Меморандумот на нивната влада. И премногу. Имено, Бугарија, како земја членка на ЕУ, има една комплексна и деликатна мисија а тоа е преку стабилизација на регионот со отпочнување преговори за члентво на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, да го оствари и својот национален интерес врзан за заедничкото минато со нас Македонците.Но, ниту ЕУ, а особено НАТО, нема да дозволат националниот интерес на Бугарија да се оствари преку дестабилизација на нашата земја и на Балканот. Сепак, ние мора да сме свесни: Бугарија не е земјата која бара почеток на преговори со ЕУ, туку Репоблика Северна Македонија. И да разбереме дека текот и исходот од конфронтацијата на Македонија со Грција им го покажа патот на партиите во Бугарија: треба само да се повтори грчкиот бескомпромисен пристап. Така, во бугарската декларација и меморандум беше направен еден обемен инвентар со прашања не само од историјата туку и со прашања кои се однесуваат на современата македонска држава, нација и јазик.

Без оглед што овие барања и обвинувања беа остро упатени кон сегашните генерации Македонци за она што се случило во минатото кога и не биле родени, тие водат држава членка на ОН и на НАТО и мора да се соочат и да одговорат на предизвикот. Како? Со контра-резолуција или со мудрост? Предлог резолуцијата на партијата ВМРО-ДПМНЕ е таква контра-резолуција која може да биде популарна кај Македонците но не може да го реши проблемот и да го отвори патот кон членство во Унијата. Во неа нема ни збор дека прво треба да поведеме еден стратешки дијалог со самите себеси и појасно да ја формулираме нашата модерна македонска приказна а потоа да почнеме дијалог со Бугарија. Дека, и колку да е задоцнет, потребен  ни е дијалог дома во услови на слобода на мисла и изразување без диктат од една партија која одлучуваше за се, како и дијалог со Бугарија која не е веќе зад железната завеса туку е членка на НАТО и на ЕУ. Тогаш, зошто партијата на македонските националисти ја повторува истата грешка како со Грција ризикувајќи да ја закопа државата во место со години нанапред? Затоа што Бугарија го повторува истиот тврд пристап кон нас како Грција пред три децении. Збунувачки? Не. Ова е логиката на политиката. Без оглед што веќе еднаш се случило, ако нешто се продава на политичкиот пазар, ако има побарувачка, понудата од партиите е тука. За народ кој е оспоруван дамна пред прогласената независност, патриотизмот и одбраната на националното достоинство е многу важно. А и уште важи старото правило на политиката: што поголем отпорот кон притисокот од надвор тоа поголем аплаузот дома. Тоа го разбираат и сите македонски партии. Но, во тоа патриотско наддавање со ривалот СДСМ, предлагачот на резолуцијата го ветува и невозможното: рамноправност во дијалогот меѓу земја членка на ЕУ и земја кандидат и преговори исклучиво согласно меѓународното право. Во реалниот свет на меѓународната политика ова не постои.

Денко Малески

Back to top button
Close