Со свој камен по своја глава!

Лејди Астор, првата жена пратеничка во британскиот парламент, револтирана го искара Черчил дека – кога таа би му била жена ќе му ставела отров во кафето. „Без гајле драга дамо“ – и возвратил Черчил – „Да ми бевте Вие жена, јас самиот ќе го испиев отровот“.

Не знам кај нас дали некој политичар доброволно би испил некаков отров, но факт е дека на обичните луѓе цело време им се нуди широка колекција отрови: меѓупартиски отров, меѓуетнички отров, медиумски отров, корупциски отров итн. Тоа има доведено до колективно труење на свеста на луѓето, со сериозни елементи на колективно лудило. А како „лудаци“, многу полесно ги прифаќаме превртените вредности. Од сите отрови, најопасен е јазичниот отров, оти со некој обичен отров можете да отруете еден човек, а со јазикот милиони луѓе. Во име на земјата се штити подземјето. Така, нашиот јазик стана опасен отров за масовно (само)уништување! А успесите на ѓаволот се најефикасни кога тој се појавува со божјите книги!
Постојната европска геополитика воопшто не ни е склона, првенствено поради конфликтот во Украина и опасните тензии во регионот. А ние продолжуваме со хронично дневнополитички и тесно-партиски надмудрувања, попратени со голо политиканство. Факт е дека ЕУ сега е видно авторитативно ослабена поради економска, енергетската и безбедносна криза, а САД се зафатени со целиот свет! Брзањето со Косово и Србија е јасен доказ за тоа. Зголемувањето на цените и сиромаштијата сега се најголемата грижа за 93 отсто од Европејците, покажа најновото истражување на „Евробарометар“. Ако војната во Украина продолжи, а сите параметри водат кон тоа, Балканот уште повеќе ќе го загуби фокусот. Така што ризикуваме да бидеме под чадорот на законот на џунглата. Нашите американски спасители ќе бидат зафатени со повеќе други поважни региони во светот, a ЕУ нема таков кпацитет за се посвети на нашите глупости, особено сега кога и самите се трудиме да најдеме дополнително дно во пеколот. Се повеќе престануваме да го слушаме Господ и се повеќе ни се допаѓа верзијата на ѓаволот!

Уставни надмудрувања
Тапкаме на место за уставните измени од политичкиот инает попратен со лажни надежи дека и најлошото ќе ни стане најдобро! Нели Мицкоски во афект се колнел дека дури само еден пратеник да гласа за измена на Уставот, тој ќе поднесе оставка! Така што таков круцијално важен процес од општ интерес, ни стана заложник на афектното колнење на еден човек! Политичка партија која 17 години била власт сè уште нема научено дека во политиката нема заколнување, а уште помалку да се биде заложник на такви заколнувања.
Пред неколку месеци, беше објавена втората анализа за регионот на Балкан од авторот Sam Lichtenstein, директор на угледниот „RANE – Stratfor“, каде што се вели дека „постои огромен ризик од избувнување на нова војна на Балканот во услови на обновена пропаганда и поддршка од влијателни сили во светот“. Тука првенстено се спомнуваат Русија и Кина.
Единствениот спас ни е европскиoт пат. А тоа бара Македонија што побрзо да направи уставни измени. Поинаку, ако тој процес застане, ќе станеме спонзори за тонењето на сопствената држава. Евроинтеграциските процеси за Македонија ќе свенат, бидејќи де факто Албанија ќе се одвои од нас на нејзиниот европски пат, а ние ќе останеме во некој запустен колосек. Никој нема да ни помогне кога самите себе си одмагаме! Неслучајно сме сега зад сите околни и југоисточни европски држави. А бевме многу пред нив. Но, додека нашиот ум високо леташе на небото, реалноста длабоко се закопуваше во земјата. И сè уште умот не ни доаѓа!
Спасот од ваквата замка е можен само ако Мицковски попушти и се согласи на уставни измени. Тогаш, сè се превтува наопаку. Тогаш има огромни шанси да ја добие наредната власт. Тој можеби ќе загуби дел од гласачите кои ќе му отидат кај празната Левица, но ќе добие мудрост и извесност. Оти, познато е дека непопустливоста е слична на огнот – добар слуга ама лош господар!

Изборни коалиции!
По којзнае кој пат се распрсна веселата илузорна математика дека ВМРО ќе прави ново парламентарно мнозинство. Изгледа секогаш кога ВМРО најавува некое ново мнозинство, власта добива нова коалициска инфузија и пак закрепнува! Дури, за чудо при секоја најава за опозиционо мнозинство, секогаш се случувало власта да ѝ одземе по некој албански партнер на оваа партија! Сега ВМРО веќе ги има загубено скоро сите албански партнери, што сериозно го става под знак прашалник нејзиниот коалиционен капацитет! Како надеж ѝ преостануваат внатрешните превирања во одделни владини партии, за кои никој не знае како ќе завршат. А сега веќе е сосема јасно дека избори ќе има тек околу средината на 2024 година.
Вака како што е, сите анализи покажуваат дека евентуалната предизборна коалиција на партиципиентите во власта ќе биде победничка. Дури во најоптимистичната варијанта ВМРО да добие над 50 пратеника, таа нема да може да добие мандат за формирање влада, оти мултиетничкиот блок би добил повеќе, и тој би добил мандат за формирање влада, а потоа се друго оди како летен ветар. Веројатно шесттата изборна единица би била клучна за победата, но многу ќе помогнат и трите други изборни единици (првата, втората и петата). Тука партиите со албански белег, сами и без некоја убедлива ЕУ приказна (поради ВМРО), тешко дека ќе собират многу гласови. Но, и тие во крајна линија би завршиле како дел од владата на мултиетничката коалиција.
За волја на вистината, власта иако во голема мера функционира со накаква безидејност (освен ЕУ агенда), опозицијата е и безидејна и конфузна, и како таква е опасна за сите, а и за самата себе! Таа сега и евроинтеграциите ги има ставено под големо знак прашање. Не помага ниту тоа што на европските дипломати им се шепнува на уво дека штом ќе дојдат на власт ќе го сменат Уставот. Тоа не се продава баш лесно. Ако не за друго, барем за тоа дека во едно елементарно општество, сферата на виталните национални интереси не е предмет на дневна политичка игра! Европејците не сакаат таков преседан ниту во балкански политички амбиент. Оттука, странците неслучајно го поддржуваат ваквото мнозинство, а уставните измени веројатно ќе почекат некои други околностои можеби со некое друго ВМРО-водство! Секој има право да се надева на чуда, но никогаш не треба да се потпере на нив!
Како и да е, по изборите кај некои политички партии, веројатно ќе дојдат нови лидери, родени говорници кои убедливо и со морал ќе знаат да го кажат тоа што во душата ги мачи луѓето и ќе знаат да ги извлечат од калта на оваа наша вечна транзиција. Потребен е лидер кој што нема да користи навредљиви, малициозни и омаловажувачки зборови. Некој што ќе ги поведе луѓето во извојување победа над недовербата, партизацијата, поделбине и сиромаштијата. Кој ќе се фокусира во економско заздравување на нашата хронично болната економија.
Врвните експерти се на мнение дека ние брз скок во развојот на економијата можеме да правиме само со стручно и модерно производство во земјоделство, сточарство и рурален туризам. Но, претходно треба силна кампања за да ја оздравиме нашата болна свест дека да го работите тоа не е срамота. Напротив, дека е чест и остварување на основните вредности. Многу елитни фамилии низ западните земји намерно држат фарми, со цел да ја облагородуваат таквата дејност, за да се нафатат што повеќе луѓе. Впрочен, најголемиот дел од севкупниот буџет на ЕУ оди во земјоделството, сточарството и рибарството. Но. Бонапарта вели – за да успееш, потребни се две третина разум, а една третина случајност!

Мерсел Биљали

Back to top button
Close