Со темата за визата за Дубаи, ВМРО-ДПМНЕ го одвлекува вниманието од вистинските проблеми, вели Венко Филипче

Прашан дали има има да покаже документ дека златната виза навистина ја добил при преговори за работа во болница, лидерот на СДСМ, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, одговара: „Да, апсолутно, и со основата и со сè ќе излезам во јавноста. Но, како и да е, тоа не е суштината, суштината зошто тоа се прави е да се одвлече вниманието од вистинските проблеми, а тоа е дека половина од членовите на Владата имаат бугарски пасоши, имаат фирми во Бугарија и прават сериозни бизниси во Бугарија“

360°: Актуелно е темата за вашата златна виза за Дубаи. Рековте дека сте ја добиле врз основа на преговори за работа во болница, зошто не покажете некаков доказ за тоа?

Филипче: Визата за Дубаи е практично една страшна пиар-пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ. Јас бев обвинуван, пред сè дека таа виза сум ја добил благодарение на некои инвестиции, парични средства, сопственост или инвестиција во зграда – повеќекатница, стокатница, како што кажуваат од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ, и од тоа ништо не е вистина. Јас таа виза ја имам и јасно е врз основа на што можете да добиете виза. Една од основите е за некои од струките што се барани таму . Помеѓу тие струки, освен доктори, се и ИТ-инженери, понатаму различни други струки и тоа е основата врз која јас ја добив визата и тоа беше во период кога не се занимавав со политика, тоа беше пред мојата кандидатура за пратеник во 2024 година на ланските избори. Тогаш имав такви идеи, едноставно сакав да се занимавам со мојата струка.

 

360°: Имате ли некаков документ да покажете и да го докажете ова што го зборувате?

Филипче: Да, апсолутно, и со основата и со сè ќе излезам во јавноста. Но, како и да е, тоа не е суштината, суштината зошто тоа се прави е да се одвлече вниманието од вистинските проблеми, а тоа е дека половина од членовите на Владата имаат бугарски пасоши, имаат фирми во Бугарија и прават сериозни бизниси во Бугарија. Тоа е вистинското прашање, не дали Венко Филипче има виза за некаде, туку дали високи функционери на владејачката коалиција со сериозни фирми, со сериозни обрти, кои не кажуваат од каде се, со двојни државјанства, внимавајте, тоа го прават за да ја спинуваат целокупната ситуација и да го одвлечат вниманието од вистинските прашања.

360°: Видете, и вие како опозиција и дел од јавноста се занимаваше со бизнис-активностите на тогашниот лидер на опозицијата Христијан Мицкоски. Да се сетиме на темата за хидроцентралите, да речам, тоа беше релевантно.

Филипче: Не, не споредувајте, тука нема никаков бизнис. Не, не, немојте така да ја менувате тезата.

360°: Ама дилемата дали Венко Филипче добил виза врз основа на некаков бизнис или инвестиција во Дубаи е релевантно прашање.

Филипче: Се согласувам, за тоа прашање одговорив веднаш дека ниту има инвестиција ниту, пак, имаа некои недвижнини во Дубаи, едноставно причината беше во тој момент кога размислував да продолжам со мојата струка.

360°: Имате ли имот во Дубаи?

Филипче: Не, немам никаков имот.

360°: А околу гласините дека со Заев заедно сте имале акции во авиокомпанија во Индија?

Филипче: Не, тоа е апсолутно, исто така, голема невистина.

Back to top button
Close