Со ујдурми не се гради правна држава

ДУИ продолжува „силно да ги осудува последните случувања во Уставниот суд“, обвинувајќи дека „моноетничките интервенции во повеќеетничка држава создаваат опасен преседан“.

Од Мала Речица велат дека одлуката за продолжување на процесот на проценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците, и покрај бојкотот од судиите од албанската и турската заедница, претставува загрижувачки показател за недостаток на почит кон еднаквоста и меѓуетничката хармонија.

Хронологијата во однос на Законот за употреба на јазиците, покажува дека челниците во Мала Речица заборавиле на што се согласиле и какви обврски преземале уште пред да биде доставен во Собранието предлог- законот за употреба на јазиците во 2017 година.

На 20-тата седница одржана на 4.8.2017 година, кога Владата го разгледала новиот текст на Предлог-законот за употреба на јазиците и утврдила да го достави до Собранието, Владата донесе и друг заклучок.

„Истовремено, Владата заклучи Министерството за правда преку Министерството за надворешни работи да побара мислење од Венецијанската комисија за текстот на законот и отворените прашања кои не се дел од овој закон, по усвојувањето на законот од страна на Собранието на Република Македонија“, стои во записникот од седницата.

Од кадрите на ДУИ на таа седница присуствувале вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем Хазби Лика, министерот за правда Билен Саљији, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураку и заменикот на генералниот секретар на Владата, Тахир Хани.

Седум години подоцна држат „стража“ и политички лекции пред Уставниот суд.

 

ЕК: Во согласност со препораките на Венецијанската комисија

При усвојувањето на предлог-законот за употреба на јазиците од Владата, Европската комисија во септември 2017 година соопшти дека „законското решение треба да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија“.

Според изјава на тогашниот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи, препораката на еврокомесарот Јоханес Хан била предлог законот за употреба на јазиците да биде претходно оценет од Венецијанската комисија, а потоа да оди на усвојување, со цел да се спречи можноста законот во иднина да биде оспорен пред Уставниот суд.

Но, Бујар Османи во јавноста тврдеше дека препораката од Венецијанската Комисија ќе стигне уште додека трае расправата за предлог-законот.

Европската комисија го повтори истиот став (законското решение да биде во согласност со препораките на Венецијанската комисија) и по усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во јануари 2018 година, бидејќи и покрај најавите, до тој момент законот сѐ уште не беше испратен на разгледување во Венецијанската комисија.

Целосната содржина на Законот за употреба на јазиците Владата ја испрати до Венецијанската комисија една година по усвојувањето на законот – во јануари 2019 година.

Кога стигна оценката – ја свртеа плочата

Оценката на Венецијанската комисија стигна во декември 2019 година. Таа ги повика властите да го преиспитаат Законот преку консултации со сите засегнати страни. Во соопштението, правните експерти на Советот на Европа посочија дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка – пристап кој би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права. Меѓу другите забелешки, Комисијата укажа и дека законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Овие оценки беа повод тогашниот премиер Зоран Заев да најави дека во координација со оваа комисија ќе се ревидира Законот за употреба на јазиците. Но од ДУИ заборавија на обврската што ја преземаа за тие препораки и ја свртеа плочата.

Бујар Османи порача дека „секое отворање на Законот ќе не врати пред 2001 година, бидејќи решението произлегува од Охридскиот рамковен договор“. Препораките на Европската комисија и на Венецијанската Комисија – тело на Советот на Европа, оттогаш до денес останаа игнорирани од ДУИ. Тоа не беше пречка оваа партија да се самопретставува како „европска“, тврдејќи дека се залага за владеење на правото и на европските вредности.

 

Притисоци и закани

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, вчера се пожали дека подолг временски период Уставниот суд и уставните судии се изложени на политички притисоци, дури и закани, но ќе ја продолжат и завршат постапката.

„Таа е почната и ќе биде окончана. Подготвителните седници се многу важна алатка во работата на Уставниот суд, особено за предмети кои и како предмети се комлицирани и исклучително комплексни, а и последиците од евентуалните одлуки може да имаат импликации“, изјави тој на ТВ 21.

 

Признава дека размислувал да се пожали за притисоците, но се откажал, свесен за ниското ниво на политичка култура.

„Јас во еден период дури и размислував дали да се пожалам до Европската или Светската конференција на меѓународни судови, дури и до Венецијанската комисија, за притисоците што се вршат врз судот. Затоа што, објективно, подолг временски период Уставниот суд и уставните судии се изложени на политички влијанија и политички притисоци, па дури и закани. Како вас ви звучи кога политички фактор ќе излезе и ќе каже дека Уставниот суд посакува дестабилизација на земјата? Меѓутоа се откажав. Да, свесен сум за ниското ниво на политичка култура што ја имаат, свесен сум. Пред само неколку дена видовте изјава на нашиот најзначаен стратешки партнер – САД. Многу едноставна реченица беше искажана: ‘Нема да се толерира политичко влијание во судството’“, потсети Костадиновски.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети продолжува да ги критикува чекорите на Уставниот суд. Не е задоволен што постапката во Уставниот суд продолжува и што во дебатата ќе бидат повикани експерти.

„Што значи ова? Да се преговара за Охридскиот договор кој го гарантираат САД, ЕУ, НАТО, и е измиен со крвта на УЧК?“, прашал Ахмети на вчерашната средба со граѓани во Гостивар.

Back to top button
Close