Со ултиматуми не се бара оставка

Точно во 14.30 часот во понеделникот (8.11.2021) истече ултиматумот на опозицијата, премиерот Зоран Заев да ја поднесе ветената оставка до Собранието. Барањето за недоверба на владата е поднесено веднаш по истечениот рок, а во четврток во 11 часот пратениците ќе одлучуваат дали ќе паднат Заев и владата. Поделената јавност во земјата уште два дена  ќе чека бел или црн чад од „оџакот“ на Парламентот.

Неизвесноста сѐ уште трае бидејќи од двете  страни се тврди по десетина пати дневно дека имаат мнозинство од 61 глас, па и повеќе. Едните велат дека останува владата, другите дека  заминува. Би било возбудливо и интересно да е спортски натпревар, но во случајот е прилично трагично, бидејќи нестрпливата опозиција што побргу да ја освои власта не ги препозна и не ги прифати државните интереси. Со ултиматуми и уцени не се одредуваат рокови за веќе најавена оставка.

Ако Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ обезбедиле мнозинство во Собранието како што објавуваат, тогаш многу логично е прашањето зошто тие го одредуваат датумот, односно денот и часот кога премиерот Заев да ја поднесе оставката до Парламентот, дали два или три дена подоцна отколку што тие наумиле.

Очигледно, по поразот на локалните избори на СДСМ и по ветувањето на Заев дека ќе поднесе оставка, во ВМРО-ДПМНЕ и „непринципелната“ коалиција тргнале по логиката железото да се кове додека е жешко. Но, изгледа рацете што ќе удираат по вжештеното железо со чеканот и ќе коваат нова иднина не се доволно силни.

Заев не ја прифати понижувачката сатница на Мицкоски 

Станува клучно прашањето дали ветената оставка на премиерот Заев станува беспредметна по поднесеното ултимативно барање на опозицијата до Собранието за изгласување недоверба на владата. Како што се виде, Заев не ја прифати црвената линија и условувањето со понижувачка сатница Мицкоски да одредува кога тој треба да поднесе оставка.

Што ако Заев воопшто не ја достави, или ја повлече оставката, а мнозинството изгласа доверба на владата? Ќе има неколку дена голема ѓурултија, врескање, закани, протести, блокади… И секое чудо за три дена. Ако државните интереси налагаат да биде пишман, воопшто не треба да му е тешко да ја повлече најавената оставка. Според бројните укажувања и поддршката за премиерот Заев и владата, кои доаѓаат од државниците на ЕУ и на Америка, навистина се работи за стратегиски државни интереси владата и Заев да продолжат со својата работа и да не ја доведуваат Македонија во неизвесност само поради пораз на локални избори.

Првите чекори на опозицијата по локалните избори веќе ги доведе во прашање ратификуваните договори со соседите кои се и со меѓународна гаранција. Секое проблематизирање на тие договори, како што веќе се случи со уште неседнати градски кметови на своите столчиња, претставува голем ризик за стабилноста и на државата и на целиот регион, како што се истакнува во пораките од сојузниците и партнерите во ЕУ.

Имам впечаток дека нешто се крие зад брзањето на опозицијата брзо да падне владата, прво со наводно веќе обезбедено мнозинство во парламентот, па потоа со пишманење и отфрлање на таквата стратегија и преку ноќ определбата на брзи предвремени избори, а потоа пак брзо враќање на ново мнозинство со потписи на 61 пратеник за стабилна влада со премиер Христијан Мицкоски до 2024 година. Изгледа во ВМРО-ДПМНЕ веќе разбрале дека почнувањето на преговорите со ЕУ до крајот на годината е „новата реалност“ да се изјаснам со често употребуваните зборови на Мицкоски.

Преговорите со ЕУ ќе почнат до крајот на годината

Има уште нешто многу значајно кое во медиумите блиски на ВМРО-ДПМНЕ се премолчува, а тоа е делот од оставката на Заев каде што тврди дека во изборите се внесени големи пари од странство.

Доколку премиерот Заев и надлежните институции располагаат со докази дека во локалните избори биле уфрлени милиони евра пари од странство и од разузнавачки служби, тогаш, со мирна совест може да ја повлече оставката, па кој колку сака нека вреска и од опозицијата и од таканарачените интелектуални замрзнати елити на СДСМ, кои се во фаза на одмрзнување по највената оставка. Ако Заев и владата покрај сите блокади успеат навистина до крајот на годината, како што има сериозни најави, да ги почнат преговорите со ЕУ и да го постигнат најголемиот успех на Македонија од осамостојувањето до денес – тие повторно ќе влезат во длабоко замрзнување.

Како што Заев одлучи истата вечер по поразот на локалните избори сосема непотребно, избрзано и емотивно да ја најави својата оставка од премиерската функција и од претседател на СДСМ, сега е време да излезе пред јавноста разложно и со аргументи за поставените ултиматуми и за доведените во прашање стратегиски државни интереси да ја повлече својата оставка. Заев во своите јавни настапи, играјќи на картата на политички прагматизам, направи грешки во чувствителната сфера на повеќедецениските односи со Бугарија. Но, несоборлив факт е дека во ниту една прилика Заев и владата не излегоа надвор од рамките на потпишаниот договор за добрососедство со Бугарија. Да го направеше тоа за што се обвинува и од политичките противници и од своите високо интелектуални и академски сопартијци, блокадата од Бугарија ќе беше повлечена и преговорите со ЕУ ќе почнеа. Такво нешто премиерот Заев и надлежните министри не направија, а беа популистички и валкано обвинети за велепредавство.

Македонија е навистина уморна од битки за власт и од постојани изборни кампањи на живот и смрт. Крајно време е за студени глави, мудрост и здрав разум. Имавме комунални, а не парламентарни избори. Стабилноста на државата е најголемата гаранција за почеток на преговоритешто треба се случи до крајот на годината, пред француското претседателство со ЕУ и пред претседателските избори во Франција. На премиерот Заев му припаѓа заслугата да ја почне првата меѓувладина конференција со ЕУ. Тоа е точката од која нема враќање назад. А, после може спокојно да се повлече од политиката.

Преговорите ќе траат најверојатно подолго од десет години. Ќе има работа за повеќе влади и премиери. Сегашното брзање на опозицијата да ја презема власта на ура има сосема други мотиви. Не е тоа вообичаен демократски натпревар меѓу власта и опозицијата што ги турка општествата напред.

Ерол Ризаов

 извор: ДВ

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close